
Системските слабости во македонското градежништво се многу подлабоки отколку што изгледа на прв поглед. Во продолжението на гостувањето во емисијата „Ноќно студио“ на 4ТВ, Борче Стојчевски од здружението „Тутела“ откри загрижувачки детали за недостигот на инспекциски надзор, ниските критериуми за координаторите за безбедност и слабата свест кај дел од работниците и работодавачите.
Еден од најголемите апсурди, според него, е тоа што координатор за безбедност на градилиште моментално може да биде назначено лице без соодветна стручна подготовка.
„Сегашните правила дозволуваат работодавачот да назначи лице дури и со основно образование“, предупреди Стојчевски.
Тој посочи дека во новиот закон, кој сè уште чека усвојување, е предложено координаторот задолжително да има најмалку средно образование и да положи посебен стручен испит, за да може навистина да ги познава принципите на техничката заштита и безбедноста при работа.
Дополнителен сериозен проблем е недостигот на инспектори, особено во главниот град каде градежната експанзија е најизразена.
„Ако кажам дека Скопје има само пет до седум инспектори, тука не грешам. Како можат тие да ги посетат сите градилишта кои никнуваат на секој чекор?“, праша Стојчевски.
Тој нагласи дека одговорноста не е само кај институциите, туку и кај самите работници и работодавачи. Поседува бројни фотографии од терен на кои, како што вели, се гледа дека заштитната опрема постои, но не се користи.
„Шлемот не се носи за мене или за инспекторот, туку за сопствената глава. Често гледаме како опремата стои во кофа, а се става само кога ќе дојде инспекција“, рече тој.
Стојчевски потенцираше дека безбедноста не се сведува само на шлем и елек, туку дека најголемите ризици доаѓаат од недостиг на колективни мерки – безбедни скелиња, заштита при ископи и правилни електрични инсталации на објектите.
Како решение, здружението „Тутела“ предлага секое градилиште да има еден единствен, ревидиран план за безбедност кој ќе се следи од почетокот на ископот до завршувањето на објектот.
Клучната новина во предложените измени е и директна одговорност за инвеститорот, кој повеќе нема да биде само набљудувач, туку активен фактор во обезбедување сигурни услови за работа.
Според Стојчевски, сите овие решенија веќе се подготвени и се наоѓаат во министерството, но за нивна реализација е потребна политичка волја.

