Skip to main content
Македонија

Лани 132 несреќи при работа, од нив 31 со смртен исход

28/04/2026  08:26

По повод Светскиот ден за безбедност и здравје при работа – 28 април, Македонско здружение за заштита при работа денес го одбележува овој значаен датум со објава на Годишниот извештај за несреќи при работа и професионални заболувања за 2025 година.

Светскиот ден за безбедност и здравје при работа, воспоставен од Меѓународната организација на трудот (ILO), има за цел да ја подигне свеста за значењето на превенцијата на повредите при работа и унапредувањето на безбедните и здрави работни услови. Овој ден претставува потсетник дека секоја несреќа може и треба да биде спречена преку систематски пристап, едукација и одговорност од сите засегнати страни.

Според податоците презентирани во извештајот, во текот на 2025 година се евидентирани 132 несреќи при работа, од кои 31 со смртен исход.

Посебен осврт во извештајот е даден на трагични настани кои ја одбележаа годината, вклучително и пожарот во дискотеката „Пулс” во Кочани, кој дополнително ја нагласи важноста од доследно почитување на прописите за безбедност, управување со ризици и ефективен инспекциски надзор.

Токму затоа, анализата на повредите треба да ја користиме како алатка за учење, а не за критика. Веруваме дека секоја несреќа може да се спречи со правилно планирање, соодветна обука и постојана будност. Податоците што следат во табеларниот приказ нè потсетуваат дека патот кон „Визија Нула” бара заеднички ангажман и залагање од менаџментот и од секој вработен поединечно.

Безбедноста и здравјето при работа не се избор, туку обврска. Секој работник има право да се врати дома безбедно, а секој работодавач има должност да го обезбеди тоа.

Македонско здружение за заштита при работа останува посветено на унапредување на системот за безбедност и здравје при работа преку едукација, соработка со институциите и поддршка на работодавачите и работниците во примената на превентивни мерки.