Почнува второто полугодие со физичко присуство на учениците

И покрај пролонгираниот почеток, учебната 2021/2022 ќе заврши во редовниот термин – 10 јуни 2022 и за таа цел Владата на седница веќе го утврди бројот на наставни денови во вонредни околности. Во сите училишта (основни и средни) се утврдени 172 наставни денови, освен за средношколците во завршна година за кои се утврдени 158 поради нивните обврски за државната матура и  полагањето на двата екстерни  испита закажани за 4 и 13 јуни.

Ставот на надлежните во здравство и образование е учебната година, како и во првото полугодие, да продолжи со физичко присуство, со примена на антиковид-протоколите, така што и натаму резервни остануваат другите две сценарија што беа подготвени летото – настава на далечина и комбинирана настава со ротации на ученици во иста паралелка.

Првата детска амбасада „Меѓаши”, Синдикатот за образование, наука и култура (СОНК) и опозициската ВМРО-ДПМНЕ деновиве бараа Владата да ја преиспита одлуката и наставата да продолжи онлајн затоа што се високи бројките на  новозаразени со ковид-19, чести се и реинфекциите што се должи на брзото ширење на сојот омикрон.

Според министерот за здравство Беким Сали, одлуката е донесена откако е проценето дека епидемиолошката состојба дозволува настава со физичко присуство.

„Според нашите податоци, нема потреба од онлајн-учење во овој момент. Епидемиолошката состојба се менува секоја недела, а врз основа на тие податоци ние и ги носиме одлуките“, рече Сали во петокот кога најави скрининг по случаен избор меѓу учениците како превентивна мерка.

Вчера тој соопшти дека Комисијата за заразни болести денеска на состанок ќе одлучува како и кога ќе се реализира скринингот во училиштата, а ќе го спроведат центрите за јавно здравје кои ја водат евиденцијата на сите позитивни случаи.

И ресорниот министер Јетон Шаќири укажа дека состојбата постојано ќе се следи и МОН ќе биде во постојана комуникација со Комисијата за заразни болести и со Кризниот штаб.

Тој во средата изјави дека одлуката ќе била лесна ако била истата варијанта од вирусот како што беше во септември и октомври, затоа што во првото полугодие заразата во училиштата беше стабилна и, според малиот број на новозаразени и активни случаи, училиштата не биле средини каде што таа се шири.

„Сега има нова варијанта, но и тоа не значи дека почетокот на второто полугодие со физичко присуство ќе го зголеми бројот на заразени. МОН ќе биде во постојана комуникација и секој ден ќе има средби со директорите на основните и на средните училишта“, изјави Шаќири, посочувајќи притоа и дека градинките се постојано отворени, а функционираат и други сектори.

Во донесувањето на одлуката предвид е земен и повикот на УНИЦЕФ училиштата да бидат отворени поради придобивките од физичкото присуство на наставата. По одлуката на Владата од 17 јануари за одложување на стартот на второто полугодие, Канцеларијата на УНИЦЕФ во земјава веднаш повика тоа да биде привремена мерка.

Претставничката Патриција ДиЏовани во пишана изјава до медиумите нагласи дека отворањето на училиштата треба да биде приоритет за целата држава затоа што децата се соочуваат со поголеми ризици кога се надвор од училиште отколку во училиште.

Таа смета дека превентивните мерки во училиштата се ефикасни и дека физичкото присуство на настава во училиште се чини не е главниот двигател на ширење на инфекцијата.

Треба да знаете
Последни објави