
Министерот за здравство Азир Алиу, кадар на ВЛЕН, потврди дека во последниот период нема комуникација со својот колега, вицепремиерот за политики за добро владеење и транспарентност Арбен Фетаи, образложувајќи дека тој не присуствува на седниците на Владата. Алиу нагласи дека отсуството на Фетаи не е поврзано со здравствени причини.
Во гостување во емисијата „360 степени“ на МРТ 1, на прашањето дали комуницира со Фетаи, Алиу одговори: „Па, во последен период не бидејќи не е тука.
На дополнително прашање дали вицепремиерот присуствува на владини седници, Алиу кратко рече: „Не.“ Запрашан зошто е тоа така, тој изјави: „Не знам, не сум информиран.“
Алиу во истото гостување посочи дека претходно постоеле одредени несогласувања околу политиките во рамки на ВЛЕН и Владата, но дека тие биле надминати внатре во коалицијата. Тој нагласи дека во политиката е важно секој да придонесува со енергија и работа, а кога некој не се чувствува дел од заедничката структура, тогаш разделбата е легитимна опција.
На прашањето дали тоа значи дека Арбен Фетаи би можел да биде заменет при следна реконструкција на Владата, Алиу одговори: „Во моментот, знаете, ние како ВЛЕН работиме на дефинирање на органограмот на ВЛЕН, сега веќе како политичка партија и сѐ уште не сме стигнати до нивото на анализа на перформансите на директорите, замениците, министрите и перформансите во Владата во целина за секоја политичка партија дел од ВЛЕН.“
Арбен Фетаи и Азир Алиу претходно се одвоија од крилото на Алијанса за Албанците на Арбен Таравари, откако тој во мај 2025 година одлучи да ја напушти владината коалиција. Фетаи остана на функцијата вицепремиер, додека Алиу го наследи Таравари како министер за здравство.


