Skip to main content
Економија

Пензискиот систем меѓу фонд и буџет – време е за јасни правила

17/04/2026  12:43

Пишува: Мирослав Трлин, дипломиран економист во пензија

Во последните месеци јавноста повторно се соочи со дебати околу начинот на усогласување на пензиите. Линеарно или процентуално зголемување, праведност или неправедност, уставност или неуставност – прашања кои речиси редовно се појавуваат во јавниот простор. Но зад овие полемики се крие еден подлабок проблем: недоволно јасно дефинираната структура на самиот пензиски систем. Дебатата за начинот на усогласување всушност е само симптом на нешто многу посуштинско – недоречената законска методологија за пресметка, исплата и финансирање на пензиите.

Дополнителна тежина на ова прашање даваат и најновите наоди на Државниот завод за ревизија, според кои значителен дел од средствата за пензии веќе се обезбедуваат од буџетот, при што само во 2024 година тие изнесуваат околу 690 милиони евра. Овој податок јасно покажува дека дебатата не е само техничка, туку суштинска – за природата на целиот систем.

Првиот и најголемиот столб на пензискиот систем формално се нарекува фонд, но по својата суштина функционира како систем на тековна прераспределба. Тоа значи дека тековните придонеси на вработените директно се користат за исплата на тековните пензии, без создавање вистински акумулиран фонд. Токму затоа во економската теорија ваквите системи се дефинираат како системи „плати-додека-одиш“, во кои финансиската рамнотежа зависи од односот меѓу бројот на вработени и бројот на пензионери.

Средствата за исплата на пензиите се обезбедуваат од придонеси за пензиско и инвалидско осигурување, од буџетски трансфери и од помали дополнителни приходи на системот. Во пракса, учеството на буџетските трансфери во финансирањето на пензиите достигнува и над 40%, а во одредени години и до 43,6%, што јасно укажува дека системот не функционира како класичен осигурителен фонд, туку како хибриден модел кој во значителна мера зависи од државниот буџет.

Фактот што толкав дел од средствата доаѓаат од буџетот не е само финансиско прашање, туку и сигнал за структурна нерамнотежа во системот. Тој однос јасно покажува дека пензискиот систем не функционира исклучиво како осигурителен механизам, туку делумно и како инструмент за одржување на социјалната стабилност.

Тука се појавува и суштинската дилема: ако значителен дел од средствата доаѓа од придонеси поврзани со индивидуалниот труд, а друг дел од општи буџетски приходи, дали тие средства можат да се третираат како да имаат иста економска природа? Одговорот е – НЕ.

Придонесите за пензиско осигурување се директно поврзани со личниот труд, со висината на платата и со должината на работниот стаж. Тие по својата природа се осигурителен приход и логично е пензијата што произлегува од нив да се пресметува и усогласува пропорционално. Буџетските средства, пак, потекнуваат од даноци кои ги плаќаат сите граѓани – вработените, стопанството и пензионерите. Тие не се поврзани со индивидуален стаж или со висина на придонеси, туку претставуваат општ јавен приход. Затоа тие имаат социјален карактер и по својата суштина можат да се третираат како социјален трансфер.

Ако средствата потекнуваат од придонеси, логично е усогласувањето да биде пропорционално, бидејќи тие придонеси се уплатувале во различни износи и претставуваат индивидуално осигурително право. Но ако средствата потекнуваат од буџетот, нивната распределба може да има социјален карактер – линеарно или скалесто, со поголема поддршка за пензионерите со пониски примања.

Токму тука се наоѓа суштината на сегашните недоразбирања. Кога различни извори на средства – осигурителни и буџетски – се третираат како да имаат иста природа, неизбежно се појавуваат конфликти околу нивната распределба. Наместо јасна законска логика, се отвора простор за привремени решенија, различни толкувања и политички импровизации. Вистинското прашање не е дали усогласувањето треба да биде линеарно или процентуално, туку дали системот ќе воспостави јасна и трајна методологија што ќе ги разликува изворите на средствата и нивната намена.

Законската регулатива мора недвосмислено да ја дефинира методологијата за пресметка и исплата на пензиите. Пензијата и нејзиното усогласување треба јасно да ги одразуваат изворите на средствата: делот што произлегува од придонеси треба да се пресметува и усогласува пропорционално, додека делот што се обезбедува од буџетски средства треба транспарентно да се прикаже како социјална поддршка и да се распределува како социјален трансфер.

Ваквиот пристап би донел нешто што денес недостасува – јасна и стабилна методологија. Методологијата за пресметка, исплата и усогласување на пензиите мора да биде утврдена во самиот закон, а не да зависи од привремени мерки, подзаконски акти или политички одлуки. На тој начин политиката би останала сервисер на законските правила, а не нивен креатор. Пензијата не е политичка милост, туку право стекнато со децении труд и придонеси.

Дополнителен притисок врз системот создаваат и неповолните демографски трендови. Стареењето на населението и намалувањето на работоспособната популација значат дека сè помал број вработени ќе финансираат сè поголем број пензионери. Овој тренд не е краткорочен, туку структурен и долгорочен, што дополнително ја нагласува потребата од јасни и одржливи правила.

Покрај тоа, неопходно е да се размислува и за поголема финансиска стабилност на системот. Најголем и најдолгорочен ефект би имало зголемување на бројот на вработени и подобрување на односот меѓу вработени и пензионери, кој во моментот изнесува околу 1,7 : 1. Секоја економска политика што ќе придонесе за отворање нови работни места и зголемување на вработеноста директно ја зајакнува и стабилноста на пензискиот систем.

Покрај тоа, делумна или целосна трансформација на постојниот данок на личен доход во наменски приход за првиот столб би ја намалила зависноста од годишни буџетски интервенции и би обезбедила постабилен и предвидлив извор на финансирање.

Паралелно со финансиските предизвици, не смее да се занемари и социјалната компонента на системот. Податоците покажуваат дека услугите за грижа за старите лица опфаќаат минимален дел од оваа популација, што значи дека товарот во најголем дел паѓа врз семејствата. Ова укажува дека реформата не треба да биде насочена само кон стабилноста на пензискиот фонд, туку и кон поширокиот систем на грижа и достоинствено стареење.

Искуствата од европските пензиски системи покажуваат дека јасното одделување на средствата според нивниот извор и постоењето на предвидлива методологија создаваат доверба и сигурност кај корисниците. Македонија може и мора да го следи овој пат. Доколку навистина сакаме да бидеме дел од европското семејство, тогаш е време ваквите принципи да ги примениме и во нашиот пензиски систем.

Во овој процес особено значајна улога имаат пензионерските здруженија и нивниот Сојуз како легитимни претставници на пензионерите. Тие имаат обврска активно и аргументирано да ја иницираат јавната расправа за одржливоста на системот и да предлагаат конкретни решенија.

Но ова прашање не ги засега само денешните пензионери. Не помалку заинтересирани треба да бидат сегашните вработени – идните пензионери – кои денес со своите придонеси го финансираат системот. Тие имаат право да знаат каков систем ги очекува утре и со каква извесност ќе ја дочекаат својата пензија.

Реформата не треба да биде само техничка корекција, туку сериозен општествен договор за стабилен, правичен и предвидлив систем што ќе важи и за сегашните и за идните генерации.

Прашањето повеќе не е дали ќе има реформи, туку дали ќе ги направиме навреме – или ќе дозволиме системот сам да нè принуди на нив.

Ставовите искажани во „Колумни“ се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на „24инфо“. Одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.