Skip to main content
Македонија

Судскиот совет нетранспарентно и зад затворени врати одлучува за пресуди од Стразбур

16/04/2026  12:42

Блупринт групата за реформи во правосудството остро реагира на одлуката на Судскиот совет на Република Северна Македонија да ја исклучи јавноста од седницата одржана на 15 април, на која се одлучувало по барање за повторување на постапка врз основа на пресуда од Европскиот суд за човекови права.

Невладините организации кои го следат судството оценуваат дека ваквиот потег претставува сериозно отстапување од принципите на транспарентност и отчетност, особено ако се има предвид дека станува збор за прашање од висок јавен интерес.

Според нив, барањата за повторување постапка по пресуди од Стразбур не се класични дисциплински постапки и не постои оправдување тие да се разгледуваат зад затворени врати. Тие потсетуваат дека досегашната пракса на Судскиот совет била ваквите случаи да се разгледуваат на јавни седници, со што се зајакнувал легитимитетот на донесените одлуки.

Дополнително, организациите укажуваат дека и одлуките за разрешување, како и самите пресуди на Европскиот суд за човекови права, се веќе јавно достапни документи, па исклучувањето на јавноста во оваа фаза од постапката е неосновано.

Блупринт групата предупредува дека ваквото постапување директно ја нарушува правната сигурност и дополнително ја разнишува и онака кревката доверба на граѓаните во судските институции.

„Ваквото постапување е спротивно на препораките на Оценската мисија на ЕУ, Комуникациската стратегија на Судскиот совет и заложбите за реформи во правосудството“, се наведува во реакцијата.

Организациите упатија јавен апел до Судскиот совет итно да обезбеди поголема отвореност и да постапува во согласност со принципите на транспарентност, отчетност и владеење на правото.

Блупринт групата за реформи во правосудството ја сочинуваат Институтот за европска политика (ЕПИ), Институтот за човекови права (ИЧП), Коалицијата „Сите за правично судење“, Македонското здружение на млади правници (МЗМП), Хелсиншкиот комитет за човекови права и Центарот за правни истражувања и анализи.