
Претседателката на државата Гордана Сиљановска-Давкова ќе престојува во работна посета на Република Турција, по повод учеството на петтиот Дипломатски форум во Анталија, кој се одржува од 17 до 19 април, на тема „Мапирање на иднината, управување со неизвесностите“.
Како што соопшти Кабинетот на Сиљановска-Давкова, пред официјалниот почеток на форумот, претседателката денеска во Истанбул ќе оствари билатерална средба со претседателот на Турција, Реџеп Таип Ердоган.
Сиљановска-Давкова утре ќе се обрати на „Лидерскиот панел“ на Дипломатскиот форум во Анталија, којшто ќе го модерира Мевлут Чавушоглу, поранешен министер за надворешни работи, пратеник во Големото национално Собрание и шеф на турската делегација во Парламентарното собрание на НАТО.
На панелот ќе учествуваат и претседателот на Казахстан, Касим-Жомарт Токаев, премиерот на Пакистан, Мухамад Шехбаз Шариф, премиерот и министер за надворешни работи на Катар, шеикот Мохамед бин Абдулрахман Ал Тани, и премиерот на Грузија, Иракли Кобахиѕе.
