СДСМ остро ја критикува работата на министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, обвинувајќи го за неспособност да управува со безбедносната ситуација во државата, што резултира со зголемен криминал и несигурност меѓу граѓаните. Според партијата, инцидентите кои го потресоа Скопје, вклучувајќи пукање и запалување на македонското знаме, се директна последица на хаосот што го создава раководството на МВР.
„Секојдневното пукање по улиците на Скопје е доказ дека МВР под водство на ВМРО-ДПМНЕ нема никаква контрола врз криминалот. Во изминатата година сме сведоци на повеќе од 20 вооружени инциденти, меѓу кои и убиства и обиди за убиства,“ порачаа од СДСМ.
Партијата истакнува дека неспособноста на Тошковски е очигледна, бидејќи МВР не успева да собере оперативни информации кои би овозможиле превентивно делување. „Безбедносниот систем е целосно парализиран, а министерот Тошковски избегнува одговорност и не презема конкретни чекори за да се врати контролата,“ додаваат од СДСМ.
СДСМ го обвини и претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, за инструментализација на безбедносниот апарат за свои политички интереси, поставувајќи неспособни кадри на клучните позиции. „Лидерството подразбира одговорност, а не кукавичлук и манипулации,“ истакнуваат од партијата, додавајќи дека ваквиот пристап го уништува безбедносниот апарат и ја зголемува несигурноста во државата.