Skip to main content
Македонија

Андоновски: Новиот патриотизам значи модернизација на државата

21/10/2024  15:16

„Само преку целосна дигитална трансформација можеме да создадеме јавен сектор кој навистина ќе служи на потребите на граѓаните во 21-от век. Затоа, работата на нашето Министерство не е ограничена само на имплементација на технички решенија. Ние работиме на сеопфатна трансформација која вклучува промена на процесите, регулаторно кратење на бирократските обврски, обуки за дигитални вештини, и што е најважно – промена на културата во јавниот сектор”, вели Стефан Андоновски, министер за дигитална трансформација на денешната Платформа: 100% посветени за тебе на тема „Унапредување на дипломатијата и надворешната трговија, интеграцијата во ЕУ и дигитална трансформација”.

„Граѓаните избраа патриотизам на 21виот век. Граѓаните добија сериозна влада која гарантира економски напредок и вистински реформи за европска иднина, за доброто на сите. Нашата тема ќе биде иднината. Како да ја ставиме технологијата во функција на подобра иднина. Тоа е вистински патриотизам. Не само што ја исполнивме, туку и далеку ја надминавме нашата првична цел. Наместо 20, испорачавме повеќе од 80 нови дигитални услуги за граѓаните и компаниите. Ова четирикратно зголемување е резултат на нашата посветеност и соработка со други институции. Дополнително, бележиме 56% раст во користењето на постоечките услуги од страна на граѓаните”, рече Андоновски и додаде:

„Сите овие реформи и проекти се во насока на вистинско и реално придвижување на Македонија кон полноправно членство во ЕУ. Сите овие проекти ќе бидат во согласност со Иницијативата за дигитална трансформација на ЕК насловена „ЕУ дигитална декада – дигитални цели за 2030″, Планот за развој на ЕК за Западен Балкан, затоа што дигиталната трансформација на Западен Балкан и зајакнување на неговиот потенцијал како двигател на економскиот раст и просперитет во регионот преку подобрување на пристапот до дигитални добра и услуги е еден од главните приоритети на Реформската агенда. Погледнете ги успешните примери на Естонија, Полска, Словенија, Литванија, Летонија, па дури и Молдавија. Нивниот импресивен развој денес е директен резултат на правилна и брза дигитална трансформација.

Стратегијата ќе исцрта кои институции ќе дигитализираат приоритетно и кои се новите услуги кои ќе ги понудиме на граѓаните во следните 4 години. Рокови, активности, средства”.