
Новиот генерален директор на компанијата The Walt Disney Company, Џош Д’Амаро, денеска најави отпуштања во мејл испратен до вработените, во обид да се поедностави работењето на компанијата.
Според лице запознаено со ситуацијата, најголемата светска медиумска и забавна корпорација треба да укине околу 1, 000 работни места, пренесе Reuters.
Намалувањата ќе се однесуваат на маркетинг-групата, која беше реорганизирана во јануари, како и на други делови од компанијата, вклучувајќи ги студискиот и телевизискиот бизнис, производите и технологијата, како и одредени корпоративни функции.
Компанијата веќе почнала оваа недела да ги информира вработените за донесените одлуки.
„Со оглед на брзото темпо на нашите индустрии, ова бара од нас постојано да проценуваме како да изградиме поагилна и технолошки подготвена работна сила, за да ги задоволиме потребите на иднината“, напиша Д’Амаро во мејлот.
Тој додаде дека како резултат на тоа ќе бидат „укини работни места во некои делови од компанијата“.
Како и другите холивудски студија, The Walt Disney Company се прилагодува на новите економски реалности, кои вклучуваат пад на телевизискиот бизнис, намалени приходи од кино-благајните и зголемена конкуренција.
Компании како Warner Bros. Discovery и Paramount Skydance исто така спроведоа отпуштања, пренесува Танјуг. Последниот поголем бран отпуштања во The Walt Disney Company беше во 2023 година, кога компанијата најави намалување на трошоците преку отпуштање на 7.000 вработени, со цел заштеда од 5,5 милијарди долари.


