Skip to main content
Македонија

Филипче бара итна постапка за екстрадиција на Груевски

14/04/2026  10:41

Лидерот на СДСМ, Венко Филипче, на денешната прес-конференција отвори серија клучни прашања за иднината на поранешниот премиер Никола Груевски, во контекст на најновите политички случувања во Унгарија и промената на власта во Будимпешта.

Филипче посочи дека по години престој во Унгарија, каде што Груевски доби политички азил, сега се поставува прашањето што ќе биде неговиот следен чекор.

„Се поставува прашањето што ќе прави Никола Груевски сега кога веќе го нема својот заштитник во Будимпешта. По години уживање гостопримство, дали ќе бега во Русија или на друго место, или пак ќе се врати во Македонија за да ја отслужи затворската казна?“, изјави Филипче.

Овие изјави доаѓаат по поразот на долгогодишниот унгарски премиер Виктор Орбан и најавите на новиот политички фактор во земјата, Петер Маѓар, кој треба да ја формира новата влада.

Маѓар веќе испрати јасна порака дека Унгарија нема повеќе да биде засолниште за лица кои бегаат од правдата. Во своето обраќање, тој индиректно се осврна и на Груевски, сугерирајќи дека неговиот престој во земјата може да биде при крај. Дури и со доза на иронија, Маѓар порача дека азилантите „не треба да купуваат мебел од Икеа“, алудирајќи на можни брзи промени.

Новата унгарска политика, како што најавува Маѓар, ќе се темели на европските принципи на правна соработка, што подразбира и екстрадиција на лица кои се соочуваат со правосилни пресуди или обвиненија во своите матични држави.

Во тој контекст, Венко Филипче упати директни прашања и до актуелната македонска Влада.

„Дали е поднесено ново барање за екстрадиција на Груевски? Ако не е, зошто се чека и дали Владата планира тоа да го направи веднаш?“, праша Филипче, барајќи конкретни чекори од институциите.

Прашањето за екстрадицијата на Никола Груевски повторно се актуализира откако новите политички ветрови во Унгарија најавуваат дистанцирање од политиките на Орбан, чија влада во 2018 година му одобри азил.

Со најавените промени во Будимпешта и можната ревизија на досегашните практики, позицијата на Груевски во Унгарија станува сè понеизвесна, отворајќи ново поглавје во долгогодишниот политички и правен случај што ја бранува јавноста во Македонија.