Skip to main content
Економија, Македонија

Меѓу ветувањето и разочарувањето – силен мандат, слабо владеење

03/04/2026  16:35

Пишува: Фатмир Битиќи, пратеник во Собранието

На парламентарните избори на 8 мај 2024 граѓаните ѝ дадоа силен мандат на ВМРО-ДПМНЕ. Коалицијата предводена од партијата освои 58 пратенички места, а потоа беше формирана влада со коалициска поддршка од 78 пратеници. Во кампањата, меѓу главните теми беа економијата, работните места, инфлацијата и европската интеграција. Се создаваше впечаток дека тоа ќе биде мандат за пресврт, кој ќе направи пофункционална држава.

Затоа денес е важно да се погледне не само што беше ветено, туку и што реално е испорачано. Во таа смисла, Bertelsmann Transformation Index (BTI) 2026 е важен затоа што е меѓународен компаративен инструмент за оценување на политичката трансформација, економската трансформација и квалитетот на владеењето. За Македонија, BTI 2026 покажува Status Index 7,41, Political Transformation 7,65, Economic Transformation 7,18 и Governance Index 6,07. Но уште поважно е што споредбата со BTI 2024 покажува дека нема исчекор, туку благо назадување: тогаш Status Index  беше 7,46, Political Transformation 7,75, Economic Transformation исто така 7,18, а Governance беше 6,27. Тоа значи дека во меѓувреме нема економско подобрување, има мало опаѓање на вкупниот статус, а највидливо назадување има токму кај квалитетот на владеењето. Со други зборови, по ветувањата за пресврт, BTI не регистрира нов квалитет на управување, бележи стагнација и ослабување на Governance-димензијата.

Од податоците може да се направи увид и во тоа што старото ВМРО-ДПМНЕ остави во 2018 година како наследство на СДСМ, која наследи „state capture“ во политичка криза, со длабоки институционални лузни од масовни злоупотреби на власта и governance индекс од само 5,24. СДСМ во 2024 не остави совршен систем, но остави држава со далеку повисок Status Index од 7,46 и governance од 6,27, односно со институционално подобра позиција од онаа што ја наследи. Проблемот денес не е во тоа што ВМРО-ДПМНЕ немало од што да почне, туку што доби подобра стартна позиција и наместо да ја надгради, почна да ја троши.

Во регионален контекст, проблемот на Македонија не е тоа што е најслаба, туку што почнува да ја троши сопствената предност. Во BTI 2026, Македонија со Status Index 7,41 е зад Црна Гора со 7,45 и речиси израмнета со Албанија со 7,40, додека кај Governance има 6,07 – значително под Албанија, која има 6,71. Тоа значи дека Македонија повеќе не се издвојува како реформски пример во регионот, државата полека ни влегува во зона на стагнација, каде што нејзината релативно подобра позиција сè повеќе зависи од слабостите на Србија и Босна и Херцеговина, а сè помалку од сопствен напредок. Ако порано можевме да зборуваме за држава што, и покрај кризите, знае да сочува реформска насока, денес BTI покажува нешто многу понепријатно: Македонија заостанува таму каде што требаше да води – во квалитетот на владеењето, во политичката насока и во способноста институционално да ја оправда европската амбиција.

BTI 2026 покажува нешто што граѓаните веќе го чувствуваат: по големите ветувања за пресврт, не добивме нов квалитет на владеење, добивме мешавина од застој, политичка самоувереност и институционална недовршеност. Разочарувањето не е последица на тоа што луѓето очекувале чуда, туку затоа што очекувале институционална сериозност, насока и чувство дека државата конечно ќе ја води власт што знае што прави. Овој впечаток е во согласност со самиот извештај, кој вели дека сегашниот политички пејзаж остава „little room for optimism“ околу ќор-сокакот со уставните измени и застојот на европскиот пат. Оценката се зацврстува и со „difficult to be optimistic“ за геополитичката траекторија на земјата.

Нормално е секоја промена на власт да создава надеж. Но постојат моменти кога надежта не може да се редуцира само на емоција, туку и на договор меѓу граѓанинот и политиката. Во 2024 година ВМРО-ДПМНЕ победи со ветување дека ќе донесе поголема компетентност, поцврсто управување и побрзи резултати. Победи со ветување дека државата ќе стане предвидлива, а институциите ќе бидат во служба на јавниот интерес. Токму затоа разочарувањето денес е толку длабоко: во политиката најтешко се простува неуспехот да го испорачаш ветувањето дека ќе бидеш посериозен и поуспешен од оној кого си го заменил.

Еден од најголемите проблеми на ова владеење е што живее од политички впечаток. Недостигот од стабилна насока се заменува со чувство на постојана кампања. Отсуствуваат напори за градење на органска институционална врска меѓу силниот мандат и одговорноста како демократски квалитет. Наспроти тоа, гласовите на граѓаните почнаа да се толкуваат како дозвола за политичка самодоволност. А државата не може да се води со победничка психологија, потребнио се знаење, институции и свест дека довербата се троши побрзо отколку што се освојува.

Тоа особено се гледа во економијата, токму таму каде што беа најголемите ветувања. BTI 2026 експлицитно забележува дека серијата покачувања на минималната плата во претходниот период ја поттикнала потрошувачката без да му наштети на вработувањето, но истовремено вели дека новата влада „has given no indication“ дека ќе ја продолжи таа политика. Уште поостро, се оценува дека засега „there is no sign of a coherent economic strategy – or a credible team capable of shaping one.“ Тоа е една од најтешките оценки во целиот извештај и прецизно ја погодува економската суштина на сегашното владеење: недостиг на економска (с)мисла.

Кога една власт нема јасна економска стратегија, не ѝ останува ништо друго освен да ја заменува со комуникациска енергија и со продавање впечаток дека „нешто конечно се менува“, иако клучните параметри стојат во место.

BTI бележи и нешто друго, исто толку важно: ограничена вклученост на експертите, опозицијата и граѓанскиот сектор во креирањето политики. Во извештајот стои дека улогата на граѓанските организации е „ad hoc and relatively limited,“ дека владините тела ретко одржуваат јавни дебати и дека многу организации се жалат оти текстовите на кои работеле биле значително менувани во фазата на усвојување поради политичко пазарење.

Демократијата се брани со култура на слушање, инклузивен дијалог изразен преку способност да се вклучат различни гласови и со зрелост да се признае дека ниту една власт нема монопол врз знаењето. Вистинската политичка сила е да покажеш дека критичките гласови можеш да ги вградиш во подобра одлука, но тоа не се случува.

Посебно важен е и политичкиот сигнал што BTI 2026 го испраќа со оценката дека на среден и долг рок постојат грижи за посветеноста на ВМРО-ДПМНЕ кон демократското владеење, притоа имајќи ја предвид улогата на партијата во создавањето на „captured state“ пред 2017 година. Извештајот додава дека повеќе високи фигури од претходното партиско раководство и натаму се влијателни во сегашната власт, дека нема суштинско соочување со авторитарното наследство и дека овие грижи пораснале по прифаќањето на заемот од Унгарија.

BTI 2026 ни го дава најточниот опис на политичкиот моментот во кој се наоѓа Македонија: трошење на довербата, најважниот политички капитал на едно општество. Кога граѓаните ќе почувствуваат дека власта има повеќе страст за политички наратив отколку за решенија, повеќе енергија за конфронтација отколку за градење консензус, повеќе волја за самореклама отколку за реформи, тогаш почнува најопасниот процес: нормализација на разочарувањето, кое завршува во институционална апатија. Луѓето престануваат да очекуваат добро владеење, престануваат да очекуваат повеќе, а политиката паѓа под сопственото достоинство. Затоа критиката кон актуелната власт претставува одбрана на една вредносна и европска идеја за нашата држава.

Ставовите искажани во „Колумни“ се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на „24инфо“. Одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.