Skip to main content
Македонија

Сведоци на судењето за „Пулс“: Сопственикот одбивал соработка со полицијата

31/03/2026  14:40

Со сослушување на двајца сведоци – полициски службеници од Кочани предложени од одбраната, денеска во Основниот кривичен суд Скопје продолжи судењето против тројцата обвинети полицајци за постапувањето при контролите во дискотеката „Пулс“.

Станува збор за случај поврзан со трагичниот пожар од 16 март минатата година, во кој загинаа 63 лица, а над 200 беа повредени.

Еден од сведоците, Борче Иванов, вработен во МВР како главен советник во комисија за прекршоци, кој во 2023 година бил началник на надворешната Канцеларија за криминалистички работи Кочани, изјави дека во „Пулс“ биле спроведени повеќе контроли и дека биле констатирани прекршоци.

Тој појасни дека во случаи кога контролираното лице не соработува или не доставува документација, податоците се обезбедуваат преку Централниот регистар, по што се изготвуваат записници и се поднесуваат барања за поведување прекршочна постапка.

„Се составува записник за извршена контрола, се констатираат прекршоците и се поднесува барање за прекршочна постапка“, рече сведокот, додавајќи дека и кога правното лице е неактивно, постапката може да продолжи и да резултира со санкции.

На прашања од обвинителството, Иванов посочи дека не може прецизно да се сети на сите контроли по датуми, но дека знае оти имало утврдени неправилности.

Претходно беше сослушан и сведокот Ерхан Хаџиминтас, полициски службеник во ПС Кочани, кој сведочеше дека во текот на 2023 година двапати учествувал во контроли во „Пулс“, во април и во декември.

Тој изјави дека при една од контролите биле затекнати малолетни лица во објектот, по што им биле одземени личните документи. Според неговото сведочење, сопственикот на дискотеката, Дејан Јованов-Деки, реагирал и одбил соработка.

„Рече ‘правете што сакате’, бидејќи и претходно имавме проблеми околу присуство на малолетници. Не сакаше да соработува, па излеговме надвор. Јас останав со малолетниците за да се повикаат нивните родители, додека одговорниот изготви записник“, изјави сведокот.

Тој додаде дека и при претходната контрола биле затекнати малолетници, а сопственикот повторно не соработувал.