
„Во време на светски предизвици, одржливите и иновативни институции се најсигурното „сидро” за економијата.” Ова беше главната порака што беше испратена на Конференцијата на Народната банка, во соработка со Европскиот форум за европски пари и финансии (SUERF – The European Money and Finance Forum), на тема „Централното банкарство во услови на постојани светски промени: поттикнување стабилност, иновации и издржливост”. На настанот учествуваа гувернери, економски експерти и министри од регионот и од Европа коишто ги разменија своите искуства и ги разгледаа стратегиите за справување со сложените светски предизвици.
Учесниците истакнаа дека малите и отворени економии, како нашата, се особено изложени на надворешните шокови, коишто доаѓаат од растот на цените на енергентите, нарушувањата во синџирите на снабдување и од геополитичките тензии. Овие промени не само што го зголемуваат ризикот од инфлација, туку го тестираат и капацитетот на институциите за навремено и соодветно реагирање. Во такви услови, внимателното воспоставување рамнотежа меѓу монетарните и макропрудентните мерки е клучот за зачувување на стабилноста и на довербата кај граѓаните.
Во исто време, финансискиот сектор доживува брза дигитална трансформација. Развојот на дигиталните валути, инстант плаќањата, анализата на големите податоци и примената на вештачката интелигенција отвора нови можности за ефикасност и сеопфатност, но истовремено носи и нови ризици, од кибернетски закани, до нарушување на приватноста и на довербата. На Конференцијата се потврди дека дигитализацијата треба да се развива рамномерно, со јасни правила и контроли, за да се заштитат стабилноста на системот и интересите на граѓаните.
Особено внимание се обрна на градењето на финансиската отпорност. Со постојано следење на кредитниот раст, долговите на домаќинствата, ризиците од недвижностите и на системските финансиски показатели и со воспоставувањето соодветни макропрудентни и фискални политики, се зајакнува способноста на системот за ублажување на надворешните шокови и за зачувување на стабилноста на економијата. Беше истакнато дека учеството на институциите во координацијата на монетарната и фискалната политика беше е најважно за одржувањето на стабилноста и за долгорочна заштита на економијата.
Покрај ова, на Конференцијата беше истакнато и значењето на јавната доверба и на транспарентната комуникација. Јавноста очекува од институциите да делуваат предвидливо, професионално и со кредибилитет, а добрата комуникација е основа за стабилизирање на очекувањата на граѓаните и за одржување на довербата, дури и во услови на криза.
На Конференцијата се потврди дека стабилните и иновативни институции, со помош на внимателно одбрани политики и преку транспарентна комуникација, можат најдобро да обезбедат финансиска стабилност и отпорност на економијата во време на светски предизвици.


