Skip to main content
Македонија

Милановиќ: Членството во ЕУ е „декорација“, Македонија е држава, а тоа е најмногу што може да се има

24/03/2026  17:44

Претседателот на Хрватска, Зоран Милановиќ изјави дека има резерви кон начинот на кој се води процесот на проширување на Европската Унија, оценувајќи дека предложените механизми не се праведни и не се транспарентни.

Милановиќ одговарајќи на новинарско прашање на заедничката прес-конференција со македонската претседателка Гордана Сиљановска Давкова во Загреб, нагласи дека ставовите на Хрватска кон Македонија се јасни, отворени и пријателски, посочувајќи дека меѓу двете земји нема отворени прашања и дека ги поддржува македонските европски амбиции.

Говорејќи за процесот на одлучување во ЕУ, Милановиќ истакна дека едногласноста останува клучен принцип, запишан во темелните акти на Унијата, и дека нејзиното менување е практично невозможно без широк консензус.

Според него, идеите за укинување на едногласноста во одредени фази од процесот претставуваат притисок врз државите кои имаат резерви.

-На крајот, одлуката за прием на нова членка повторно ќе биде едногласна, што отвора простор за блокади, рече тој, додавајќи дека таквиот систем ја покажува дисфункционалноста и себичноста на државите во рамки на ЕУ.

Во контекст на евроинтеграцијата на Македонија, тој употреби метафора дека процесот не е „маратон“, туку „гладијаторска борба“ со нерамноправни услови.

-Македонија е држава, а тоа е најмногу што може да се има. Членството во Европската Унија е декорација, а луѓето често тежнеат кон декорации, изјави Милановиќ, додавајќи дека неговиот говор има за цел да поттикне дебата.

Тој исто така посочи дека Европската Унија повеќе не може да се гледа исклучиво како мировен проект и дека се соочува со сериозни предизвици во своето функционирање.