Skip to main content
Економија

Битиќи: Намалувањето на ДДВ не e решение за енергетската криза

24/03/2026  12:48

Пратеникот на СДСМ, Фатмир Битиќи, во интервју за Независен, предупреди дека намалувањето на ДДВ-то за нафтените деривати не е доволно за справување со енергетската и економската криза, ниту пак ова го решава енергетскиот проблем со која се соочува државата.

„Само со намалување на ДДВ не се решава енергетски проблем. Тоа е само лепење на фластер на раната, а не терапија на процесите кои водат до проблемот.”, истакна Битиќи.

Битиќи предупреди дека задоцнетите мерки имаат директна цена за граѓаните:

„Кога чекате три недели во вакви услови, вие не стоите во место, вие се движите наназад, дозволувате кризата да се прелее. Моменталната позиција на Владата дозволува непречено функционирање на механизам преку кој привремениот шок преминува врз траен удар врз цените. И затоа велам дека задоцнета мерка не е неутрална мерка, таа има цена која денес ја плаќа граѓанинот, а утре ќе ја плати и економијата.”

Тој нагласи дека карактерот на оваа енергетска и економска криза не се изразува само преку ценовниот шок со кој се соочуваат граѓаните на бензинските пумпи. Станува збор за геополитички шок врз снабдувањето со енергенси, со реален ризик од бран поскапувања преку транспортот, храната, логистиката и услугите.

„Кога една влада мисли дека со една даночна корекција го решила проблемот, таа или не ја разбира кризата или се обидува да ја смири јавноста со половична мерка”, посочи Битиќи.

Битиќи потсети на предлог-пакетот на СДСМ, за помош на граѓаните, за кој власта одбива да го прифати a значи реално намалување на цените.

„СДСМ предложи пакет што вклучува намалување на ДДВ за горивата од 18% на 5%, намалување на акцизата за 4 денари по литар, укинување на ДДВ за основните прехранбени производи и преполовување на патарините. Тоа е поширок и посериозен одговор од владината мерка, затоа што го гледа кризниот удар како синџир, а не како изолиран проблем на бензинските пумпи.”, рече Битиќи.