
Секое петто боледување во Министерството за внатрешни работи (МВР) е неуредно или неправилно, покажала контролата на Фондот за здравствено осигурување (ФЗО), спроведена во втората половина на 2025 година.
Директорот на ФЗО, Сашо Клековски, информира дека биле опфатени 80 осигурени лица со вкупно 514 боледувања. Од нив, 258 биле до седум дена, 171 до 15 дена, а 83 биле подолги од 30 дена.
Контролата утврдила неправилности кај 29 лица, што претставува околу 37 проценти, односно околу 100 боледувања од вкупно 514 биле неуредни.
„Тоа значи дека речиси секое петто боледување е спорно“, посочи Клековски.
Како еден од главните индикатори за злоупотреба, било утврдено дека 10 од овие лица менувале матични лекари за време на боледување. Најчести злоупотреби се забележани кај т.н. испрекинати боледувања, особено оние што траеле до седум дена.
Контролите опфатиле 105 приватни здравствени установи, најмногу ординации по општа медицина, но и гинеколошки и стоматолошки ординации, како и три јавни здравствени установи и три лекарски комисии.
Неправилности биле утврдени кај 27 ординации по општа медицина и две по гинекологија, кои издале околу 100 спорни боледувања. Дополнително, неправилности биле констатирани и кај тројца специјалисти во јавни здравствени установи, како и кај две првостепени лекарски комисии.
„Најчесто станува збор за неисполнување на задолжителни дијагностички процедури. На пример, за дијагноза како лумбаго мора да има рендген-снимка“, објасни Клековски.
Најчесто користени дијагнози за боледувања биле болести на респираторниот систем, мускулно-скелетниот систем и дигестивниот систем.
За утврдените неправилности се покренати казнени постапки, а вкупната изречена казна изнесува 1,2 милиони денари.
Клековски посочи дека висок процент на боледувања има и во јавното здравство, каде во одредени клиники и до 20 проценти од вработените се на боледување, но раководствата не бараат контроли.
Тој нагласи дека ФЗО постапува исклучиво по официјално барање од работодавачите и најави воведување на нов систем за подобра контрола.
Станува збор за двегодишен европски проект за поврзување на системите на ФЗО и „Мој термин“, кој ќе овозможи целосен увид во сите боледувања, вклучително и оние до 15 дена.
Целта на оваа мерка е да се спречат злоупотребите во системот, каде надоместоците за боледување достигнуваат и до 80–100 проценти од платата.

