Skip to main content
Македонија

Левица: Водостопанство објавува јавен повик во неработни денови – дали зделакта е однапред договорена

23/03/2026  13:18

Соопштение на Левица:

Деновиве до Левица беа доставени низа обвинувања за незаконско работење на АД Водостопанство на Македонија. Повод за реакција на загрижени вработени е последниот Јавен повик, пуштен во средата (18 март), за продажба на наносен материјал – песок, чакал и камен од речното корито на Вардар, во Општина Неготино. Како што укажуваат свиркачите, повикот за кој понудите можат да се достават во рок од пет дена, намерно е објавен на само еден ден пред продолжениот викенд за да не може да се јават други наддавачи. Информациите кои стигнаа до нас, говорат и тоа дека раководниот тим на чело со генералниот директор Филип Филиповски се заканувале на фирми да не се јават на огласот. Во прилог на информациите говори и фактот што во повикот стои дека и да се јави само една фирма наддавањето ќе се изврши. 

Вработени во АД Водостопанство исто така укажуваат дека претпријатието е повторно блокирано затоа што има долг од 40 милиони евра кон УЈП, тужби од повеќе од 30 фирми и во моментов е дадено и на извршители. Заради ова во Водостопанство, како што велат, сѐ уште не земале плата и не се знае кога ќе земат.

Понатаму, вработените обвинуваат за нарушени меѓучовечки односи како во главната дирекција така и во сите подружници, а директорот Филиповски, откако е поставен до сега избркал од работа 50 вработени, а околу 15 стручни кадри со високо образование сами го напуштиле претпријатието поради малтретирање од страна на директорот. Згора на тоа, против десетина вработени се воделе дисциплински постапки за дела, како што велат свиркачите наместени од раководстовото со цел да се избркаат за на нивно место да вработат партиски активисти. 

Вработените во Водостопанство обвинуваат и за поплавите што се случија пред два месеци дека настанале со изливање на неколку реки единствено од негрижа на водостопанство за чистење на речните корита. Велат дека механизацијата наместо да ги чисти речните корита била користена за приватни цели во Куманово и на Велешко езеро. Истата била користена и во предизборната кампања на локалните избори за да се сликаат кандидатите и градоначалниците од ДПМНЕ за објави на социјални мрежи. Од друга страна, како што кажуваат, нема ни соодветни луѓе да ги одбележат точките на излевање во речните корита.

Вработените посочуваат и тоа дека Ацо Узелац, шеф на кабинет на главен извршен директор иако од 05.03.2026 е пензионер и понатаму доаѓа во Водостопанство да потпишува документи.  Атанас Ризов, пак, до скоро директор на подружница Кавадарци, а сега ставен специјален советник, за која вработените велат дека е една од најрентабилните, истовремено бил и во Управен одбор на Јавното комунално претпријатие Кавадарци, што претставува судир на интереси, а како што обвинуваат токму Ризов овозможувал ЈКП Кавадарци да не ги плаќа фактурите кон Водостопанство. 

Освен ова вработените велат и дека Филиповски прави секојдневно трошок од 3000 денари за две возила што патуваат од Куманово за Скопје или околу 100 илјади денари месечно за гориво и патарина. Од Куманово доаѓале со службено возило СК 1951 ЦА кое го користеле исклучиво за приватни цели, а истото возило го користеле и во попладневните часови низ Куманово.