
Потресна и болна исповед за кобниот 16 март раскажа Кире Димитриев, татко на Диме, кој го загуби животот во пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани.
Тој вели дека денот требало да биде исполнет со радост – неговата снаа Ангела, бремена, требало заедно со неговиот син Диме да заминат на Клиниката во Чаир за породување.
„Се подготвував, мислев на раѓањето, на радоста…“, раскажува таткото.
Но наместо среќа, следел шок. Неговата сопруга му соопштила дека снаата сама ќе оди во болница, додека за Диме му кажале дека отишол во дискотека.
„Никогаш немаше отидено во диско“, вели тој.
Тргнале веднаш кон болница, а по пат снаата му кажала дека на социјалните мрежи видела дека се случил некаков инцидент, но сè уште не знаела дека станува збор за пожар.
На патот биле запрени од полициска блокада кај Три Чешми, но по негова молба дека снаата може да се породи во автомобилот, полицијата им дозволила да продолжат.
Во болницата, по барање на снаата, се упатиле кон интерното одделение, иако, како што вели, очекувал да одат на гинекологија.
„И реков да почека, да најдам доктор… а потоа се слушна страшен крик“, сведочи Димитриев.
Тој момент бил клучен.
„Ме повикаа да дојдам да видам… и имаше што да видам. На вториот кревет лежеше мртов син ми“, раскажува скршениот татко.
Неговата исповед е уште едно сведоштво за трагедијата што го зави Кочани во црно и остави длабоки рани кај семејствата на жртвите од пожарот во „Пулс“.


