
Соопштение за јавност на Левица:
Зголемувањето на цената на горивата за дополнителни 7 денари по литар, вторпат во рок од само една недела претставува директно продлабочување на притисокот врз животниот стандард, особено во економија во која секое поскапување на енергенсите се прелева во цените на храната, транспортот и основните услуги. Токму затоа, секој обид на Мицкоски ваквата состојба да ја прикаже како нешто минливо или незначајно е политички маневар кој има за цел да ја замагли одговорноста.
Очигледно е дека ваквиот раст на цените не допира до оние на власт, затоа што тие не живеат со последиците од сопствените политики. Мицкоски и функционерите на ДПМНЕ не ја чувствуваат оваа криза, затоа што не ја плаќаат. Додека граѓаните пресметуваат дали да наполнат резервоар или да скратат од основните потреби, тие се возат на трошок на истиот тој народ – со службени возила, платени горива и патни трошоци финансирани од државната каса. Во пракса, граѓаните не плаќаат само за своето поскапено гориво, туку и за нивното. Тоа е апсурдот на оваа власт – тие одлучуваат за мерките, не ги чувствуваат последиците и истовремено ги трошат парите на оние што ги трпат тие последици. Затоа и нема чувство за итност и реакција – затоа што тие не ја плаќаат цената, туку ја префрлаат врз сите други.
Истите тие што во 2022 година со калкулатор во рака држеа лекции како треба да се намалат акцизите за да поевтини горивото, денес се однесуваат како тие пресметки никогаш да не постоеле. Тогаш имаше формули, бројки и решенија, а денес има изговори и одложување.
Инсистирањето на споредби со регионалните цени претставува свесно игнорирање на суштинската економска категорија – куповната моќ. Во услови кога платите во Македонија се значително пониски од оние во земјите со кои се прави споредбата, аргументот за ʼпоевтино горивоʼ ја губи секоја реална вредност, бидејќи товарот од тие цени е несразмерно поголем за македонските граѓани.
Наместо навремена интервенција, Владата избира да гледа од страна и да чека цените дополнително да пораснат, па потоа да глуми дека реагира кога веќе штетата е направена. Додека тие „чекаат да се стабилизира ситуацијата”, граѓаните се тие што ја плаќаат секоја грешка, одложување и пасивност.
Подбивно звучат и обидите да се прикаже дека состојбата е под контрола, кога реалноста е дека цените растат побрзо од секоја нивна реакција. ДПМНЕ денес се однесува како да има луксуз да експериментира со стандардот на граѓаните, додека секое ново поскапување директно го празни нивниот џеб.
Владата имаше неколку инструменти на располагање – привремено намалување на акцизите, интервенција во маржите или таргетирани субвенции за транспорт и основни дејности. Секој од овие механизми има фискален трошок, но прашањето е приоритет – дали буџетот треба да апсорбира дел од шокот или целосно да се префрли врз граѓаните. Таа избра да го префрли врз граѓаните
ДПМНЕ во пракса покажува дека нема намера и волја да интервенира кога тоа е потребно. Наместо политика што превентивно ќе го заштити стандардот, се практикува пристап во кој се остава цените да растат без сериозен одговор, а граѓаните сами да се снаоѓаат со последиците.
Во таква поставеност, поскапувањето е директна последица на политичка одлука да не се делува. Владата не е набљудувач на кризата, туку активен фактор што дозволува таа да се прелее врз секој дом и секој работник. Кога знаеш што треба да направиш, а сепак не го правиш, тогаш одговорноста е директна и очигледна.


