Skip to main content
Македонија

Македонија меѓу најуспешните во светот во намалување на смртноста кај новороденчињата

19/03/2026  09:44

Министерот за здравство, Азир Алиу, на денешната прес-конференција ги презентираше резултатите од најновиот глобален извештај на Обединетите нации за смртноста кај децата, при што Северна Македонија е посочена како една од најуспешните земји во светот во намалување на неонаталната смртност.

Според податоците од извештајот за 2025 година, државата бележи значително подобрување во грижата за новороденчињата и децата до петгодишна возраст, што ја позиционира како позитивен пример на глобално ниво. Овој напредок е резултат на координираните активности на Министерството за здравство, Комитетот за безбедно мајчинство, како и партнерството со меѓународни организации како УНИЦЕФ, Светската здравствена организација и УНФПА.

Алиу истакна дека за помалку од една деценија стапката на смртност кај новороденчињата е намалена за дури 87 проценти – од 8,1 на 1,1 случаи на 1.000 живородени деца. Истовремено, смртноста кај децата до петгодишна возраст е намалена за 75 проценти, од 11,1 на 2,8 случаи на 1.000 живородени.

„Овие резултати се доказ дека вложувањата во здравствениот систем даваат конкретни резултати и дека сме на вистинскиот пат во унапредување на заштитата на мајките и децата“, нагласи министерот.

Тој посочи дека во изминатиот период биле спроведени низа мерки, меѓу кои зајакнување на итната акушерска нега, унапредување на грижата за новороденчиња, ажурирање на клиничките протоколи, подобрување на практиките за реанимација и превенција на инфекции, како и унапредување на системот за транспорт на ризични случаи.

Дополнително, се спроведува и мастер-планот за перинатална нега 2020–2030, кој има за цел воспоставување на организирана и стратифицирана мрежа за нега според ризик, како и континуирано подобрување на квалитетот на здравствените услуги во целата земја.