Skip to main content
Македонија

На Гастроентерохепатологија воведени современи методи со кои ќе се замени хирургијата, повеќекратно е зголемен бројот на заболени

18/03/2026  19:58

На Универзитетската клиника за гастроентерохепатологија се воведени неколку нови методи, со кои практично влегуваме во современа гастроентерологија и со кои ќе им помогнеме на нашите болни, значи полуинтервентни и интервентни методи, со кои во голема мера ќе ја замениме хирургијата – изјави за МИА директорката на Клиниката, проф.д-р Мери Трајковска.

Посочи дека станува збор за интервенции под контрола на ендоскопски ултразвук, воведуваат холангиоскопија, со што ќе може да интервенираат во жолчните патишта, а воведуваат и аблација на црнодробни тумори, што значи, како што рече, одат во чекор со современата онкологија.

– За подобрување на дијагностиката, имаме набавено опрема, ни требаат уште неколку клучни апарати, кои сме во тек да ги набавиме, имаме согласност и одобрување – истакна проф.д-р Трајковска.

Во врска со скрининзите за рано откривање на ракот на дебелото црево и на црниот дроб, таа појасни дека скринингот за рано откривање рак на дебелото црево е почнат, ова е втора година.

– Одѕивот на пациенти е сè поголем. Од минатата година се работи на нов проект на скрининг за рак на црниот дроб. Во завршна фаза сме, тоа е веќе поминато и во Министерството за здравство и во секој момент ќе почнеме со тој скрининг. Значи, имаме два актуелни скрининга – рече проф.д-р Трајковска.

На прашање дали е зголемен бројот на заболени што доаѓаат на Клиниката за гастроентерохепатологија, таа посочи дека има повеќекратно зголемување на бројот на заболени.

– Секој ден се бориме за слободно место. Некогаш ни забележуваат пациентите, не може да сфатат како може да нема слободен кревет. Се снаоѓаме, се надеваме на некои дозволи за доградби. Додека сме во оваа зграда, ќе мора некако да се снаоѓаме. Ние сме терциерна установа, која ги прибира најтешките болни, ни помагаат од Градската општа болница „8 Септември“. Капацитетот е мал за државата за терциерна установа – додаде за МИА проф.д-р Трајковска.