
Премиерот и претседател на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски учествува на Самитот на Европската народна партија во Брисел по повод 50-годишнината од формирањето на најголемото политичко семејство во Европа.
„Овие два дена сме во Брисел да ја одбележиме 50 годишнината од формирањето на Европската народна партија, најголемата политичка сила во демократска Европа, чиј што нераскинлив дел претставува и ВМРО-ДПМНЕ, најголемата политичка партија во Македонија.
Овие два дена покрај официјалната прослава ќе имаме и Самит на лидери, на претседатели на политички партии, кои се дел од семејството на Европската народна партија.
Она коешто претставува наша цел и она кое претставува наш посебен интерес е разговорот околу проширувањето на самата Европска Унија, но и сите оние постигнувања и реформи коишто изминатите месеци како ВМРО-ДПМНЕ, односно како македонска Влада ги направивме“, изјави Мицкоски.

