Skip to main content
Македонија

Гусар за случајот на Ивана и Катја: Жртвите „врескале“ за помош, насилникот не бил „непознат“ за МВР, но никој не мрднал со прст!

12/03/2026  20:57

Трагедијата во која мајка и дете го загубија животот по пад од зграда отвори сериозни прашања за тоа како институциите дозволиле жртва на семејно насилство да се чувствува целосно незаштитена. Адвокатката Марта Гусар во својата анализа во емисијата „Ноќно студио“ на 4TV посочува на, како што вели, „целосно непостапување“ на сите служби кои биле присутни на терен.

Гусар открива дека и покрај присуството на полицијата и лекарите, клучниот механизам за итна реакција – интервентниот тим – воопшто не бил активиран, објави 4news.mk.

Според законските процедури, болницата имала обврска да повика интервентен тим во ваква ситуација, но тоа не било направено. На местото на настанот биле присутни и две инспекторки од Министерството за внатрешни работи, но, како што посочува адвокатката, ниту тие го известиле Центарот за социјални работи, ниту пак го повикале надлежниот јавен обвинител.

„И покрај критичната ситуација, никој не сметал за потребно да извести обвинител дека се случува нешто сериозно“, истакнува Гусар.

Таа потсети дека насилникот не бил непознат за институциите. Напротив, дури и министерот за внатрешни работи потврдил дека лицето било добро познато на службите поради бројни претходни пријави.

„Ако тоа лице е познато на МВР по толку пријави, како е можно инспекторките кои биле таму да не повикаат интервентен тим? Имаме ситуација каде сите присутни се дел од механизмот за заштита, а никој не мрднал со прст за да ја спречи трагедијата“, посочи Гусар.

Адвокатката се осврна и на конфузијата околу информациите што ги соопштувале институциите. Дел од нив првично тврделе едно, а подоцна ги менувале изјавите. Центарот за социјални работи демантирал присуство на лице место, додека болницата, според Гусар, не презела законски мерки за заштита на жртвата.

Според неа, трагедијата со Ивана и Каја е суров пример како системот повторно дозволил лице со повеќе пријави за насилство да остане закана, додека жртвата останала без институционална заштита во моментите кога таа најмногу била потребна.