Skip to main content
Скопје

Отстранети 10 тони опасен хемиски отпад од кругот на Клиничкиот центар

05/03/2026  18:54

Десет тони опасен хемиски отпад, кој повеќе од десет години бил складиран во кругот на Клиничкиот центар, е безбедно отстранет, информираат надлежните институции. Процесот на дислокација е реализиран во согласност со утврдените безбедносни процедури.

Оттаму предупредуваат дека ваквиот материјал претставувал директен ризик по здравјето на граѓаните и по животната средина. Можни последици, како што наведуваат, се труење, иритации на кожата и очите, респираторни проблеми, оштетувања на органи и долгорочни заболувања.

Сериозноста на случајот, кој траел повеќе од една деценија, била разгледувана и на владина седница. Влада на Република Северна Македонија донела заклучоци за формирање меѓуресорска работна група, во која е вклучен и Државен инспекторат за животна средина, со цел процесот на отстранување и управување со опасниот отпад да се спроведе брзо, координирано и во согласност со сите безбедносни стандарди.