Skip to main content
Скопје

Почна изградбата на маркет на Lidl во Гази Баба

05/03/2026  13:59

Lidl продолжува со засилено темпо да инвестира во земјава. Со симболично поставување камен-темелник, компанијата денеска го означи стартот на изградбата на уште еден маркет во главниот град, лоциран во скопската општина Гази Баба. Продажниот објект ќе се гради на парцела во лесно достапно подрачје и со директен пристап до главните градски сообраќајници. Со ова Lidl го најавува проширувањето на својата продажна мрежа како дел од стратешкиот и долгорочен развоен план на компанијата во државава.

Новиот продажен објект ќе се простира на површина од околу 2.500 квадратни метри, од кои приближно 1.500 квадратни метри ќе бидат наменети за продажен простор. За посетителите се предвидени 130 паркинг места, со што ќе се овозможи лесен пристап и комфор при пазарењето. Како и сите маркети на Lidl, и овој ќе биде изграден според современи стандарди за енергетска ефикасност, функционалност и одржливост, со внимателно осмислен распоред и пријатна атмосфера за купувачите.

Претставникот на Лидл Северна Македонија нагласи дека инвестицијата во Гази Баба е потврда за довербата на компанијата во потенцијалот на македонската економија.

„Со градењето на секој нов маркет ја зајакнуваме нашата продажна мрежа и ја унапредуваме нашата поврзаност со локалната заедница. Гази Баба е динамична и фреквентна општина и сметаме дека е вистинската локација за овде да ја продолжиме нашата инвестициска приказна. Нашата цел е да создадеме современи и функционални малопродажни центри кои ќе понудат производи со висок квалитет по достапни цени, преку ефикасен и одржлив бизнис модел, а истовремено да креираме нови и стабилни работни места“,изјави Гоце Гаврилов, директор за недвижности во Лидл Северна Македонија.

Како дел од заложбите на компанијата за одговорно работење, при изградбата на маркетот се води грижа за зачувување на зеленилото и засадените дрвја. Ќе бидат зачувани 200 дрвја, а за отстранетите 15, ќе бидат засадени 32 нови садници. Маркетот ќе има дворно зеленило од 3.636 квадратни метри. Оваа површина ги надминува законски обврзувачките 20% зеленило кои еден инвеститор мора да ги реализира при градење на објект.

Бобан Стефковски, градоначалник на Гази Баба, најави дека новата инвестиција на Лидл ќе обезбеди подобра понуда за граѓаните на општината.

„Ние како локална самоуправа континуирано работиме на создавање поволна бизнис-клима и привлекување на реномирани компании. Изградбата на маркетот во Гази Баба е показател дека општината се развива во атрактивна и перспективна деловна средина, способна да одговори на стандардите и очекувањата на еден глобален малопродажен бренд како што е Lidl. Оваа инвестиција ќе донесе нови вработувања, поголем избор и воопшто дополнителна вредност за жителите на општината“, потенцира Стефковски.

Присуството на Lidl во земјава има и поширока економска димензија, преку активниот придонес во извозот на домашни производи на европските пазари. Минатата година извозот на македонски производи преку мрежата на Lidl достигна 15,5 милиони евра, што е заеднички успех, но и доказ дека македонските компании можат да одговорат на највисоките европски стандарди.

Lidl е дел од групацијата Schwarz Group, со седиште во Некарсулм, Германија, и е еден од водечките трговци со храна во Европа. Компанијата управува со околу 12.600 маркети во 31 држава на светско ниво. Овој меѓународен бренд нуди селектиран асортиман на производи со најдобар однос меѓу квалитетот и цената, а вработува над 382.000 луѓе. Со новиот маркет компанијата ја потврдува својата долгорочна стратегија за стабилен раст и создавање на пријатно корисничко искуство за македонските потрошувачи.