Skip to main content
Македонија

Обвинетиот вели Болен сум, немам сила да доаѓам – Судот се закани со притвор

05/03/2026  10:56

Во Основниот суд денеска продолжи судењето за трагедијата во кабарето „Пулс“ во Кочани, при што беа сослушувани сведоци и беа отворени нови правни дилеми околу текот на постапката. На почетокот од рочиштето се обрати обвинетиот Гроздан Милковски, сопственик на објектот каде што се наоѓало кабарето, кој пред судот изјави дека поради здравствени проблеми тешко присуствува на судските рочишта.

„Болен сум, никој не ме сфаќа сериозно, барам нешто да преземете. Како да доаѓам кога немам сили, не можам да седам по пет часа овде и да ме возат. Се подготвува да ме лишат во Кочани“, изјави Милковски пред судот, барајќи од судот да најде решение за неговата состојба.

Судијката Диана Илиевска-Груевска истакна дека е информирана за здравствената состојба на обвинетиот, но според информациите со кои располага, таа не е толку сериозна за да го спречи присуството на рочиштата. Таа предупреди дека доколку обвинетиот продолжи да не се појавува на судските рочишта, ќе предложи мерка притвор.

Инаку, Милковски неодамна беше хоспитализиран, поради што едно од претходните рочишта беше одложено.

На денешното рочиште сведочеа лица кои ја преживеале трагедијата, како и членови на бендот ДНК кој настапувал во ноќта кога избувнал пожарот. Пред судот сведочеше и придружниот вокал на групата, Ана Костадиновска. Одговарајќи на прашања од обвинителството и од одбраната, таа изјави дека не знае кој ги поставувал и активирал пиротехничките средства во клубот, ниту пак кога тие биле подготвувани.

Таа посочи дека никогаш не видела кој ги поставува прскалките во клубовите каде што настапувала групата ДНК, додавајќи дека е можно тоа да било задача на техничко лице од клубот.

Говорејќи за моментот кога избувнал пожарот, Костадиновска раскажа дека кратко по почетокот на настапот почувствувала силна топлина, по што вокалот Панчо ги повикал присутните веднаш да излезат надвор. Сепак, според неа, во првите моменти многумина не ја сфатиле сериозно опасноста.

Музичарот Горан Тонев, кој настапувал како надворешен соработник со бендот, изјави дека пиротехничките средства биле поставени уште пред членовите на бендот да се качат на бината, но дека не знае кој ги поставил ниту кој ги активирал. Тој сведочеше дека огнот многу брзо се проширил, а просторот за кратко време се исполнил со густ чад.

Двајца преживеани гости во своите сведочења изјавија дека по активирањето на прскалките се запалил дел од таванот во објектот, по што настанала паника и стампедо кон излезите.

Во текот на денешното рочиште одбраната на првообвинетиот Дејан Јованов предложи спојување на судските постапки поврзани со трагедијата. Одбраната побара оваа постапка да се спои со новиот предмет во кој Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција поднесе обвинителен акт против 13 полициски службеници.

Според адвокатката на одбраната, во двата случаи станува збор за исти настани и за исто кривично дело, па спојувањето на постапките би спречило да се утврдат различни фактички состојби во две одвоени судски постапки.

Пред судечкиот совет се обрати и адвокатот Петре Шилегов, кој нагласи дека не може да постојат две одвоени постапки за еден ист настан.

„Немаме два кривично-правни настана за да имаме две постапки. Спротивно е на Законот за кривична постапка да се водат две постапки за ист настан. Време е да започне вистинско судење за овој кривично-правен настан“, изјави Шилегов.

Одбраната посочи дека и кривичното дело и оштетените лица се исти, што според нив е дополнителна причина постапките да се обединат.

Од друга страна, обвинителите посочија дека тие не се надлежни да постапуваат во предмети што се водат во друго обвинителство.

„Ова прашање беше надминато уште на самиот почеток. Не зачудува фактот што одбраната често реагира на обемноста на предметот и бројот на обвинети, а сега бара спојување на постапките“, изјавија обвинителите од Кочани.

Доколку судот одлучи да ги спои двата предмети, тоа би значело дека целиот судски процес ќе треба да започне од почеток.

Трагедијата во дискотеката „Пулс“ се случи на 16 март минатата година за време на настап на групата ДНК. Во пожарот животот го загубија 63 лица, а повеќе од 200 беа повредени. Случајот се смета за една од најтешките трагедии во поновата историја на земјата. Судскиот процес се одвива под засилени безбедносни мерки, во присуство на обвинетите, семејствата на жртвите и јавноста, а доказната постапка продолжува со сослушување на сведоци предложени од обвинителството.