
Семејното насилство во станот каде што се случи трагедијата во скопската населба Тафталиџе траело со години и било добро познато меѓу станарите, тврди сосетката Тања Спировска во изјава за Канал 5.
Според неа, малтретирањето траело најмалку две до три години, а тепачките и викањето се слушале низ целата зграда.
„Колку што знам, тоа трае сигурно две-три години. Секојдневно ја тепаше. Се слушаа гласови, тие се на друга вертикала од мене, ама ако сум јас на трети, а тие на шести кат, сите комшии слушаа. Имаше викање од девојчето – ‘немој тато, мама ќе ја убиеш’, се фрлаа столици, имаше плачење“, раскажува Спировска.
Таа додава дека жртвата ретко излегувала надвор, а кога ќе се појавела, според неа, се забележувале траги од насилство и срам пред соседите.
Спировска тврди дека лично неколкупати го пријавила случајот во полиција. Двапати, како што вели, имало полициска интервенција. Првиот пат никој не отворил врата, а вториот пат полицијата реагирала поинтензивно.
„Еднаш проверија, мислеа дека е станот над мене, никој не отвори. Вториот пат полицијата беше поерогантна, лупаше по сите врати, беше околу 22:30 навечер. Наредниот ден отидов во станица и им реков – сите знаеме кој стан е, сите знаеме што се случува“, вели таа.
Според неа, од институциите ѝ било посочено дека без формална пријава од самата жртва, нивните можности се ограничени.
„Ние пријавуваме, ама таа после се откажува. Ни велеа – мора таа да пријави. А што ако сите ние станари пријавуваме? Дури и управителот имал пријава, затоа што го скршил лифтот, ја удирал во него. Не успеавме да го спречиме, не успеаја ни институциите, бидејќи тврдеа дека не можат да постапуваат само по наша пријава“, нагласува Спировска.
Таа смета дека се неопходни законски измени со кои институциите ќе имаат обврска да реагираат и без формална пријава од жртвата, особено кога во случајот се вклучени малолетни деца.
„Насилството е проблем во државата – без разлика дали се работи за деца, возрасни, жена или маж. Треба да се смени нешто во законот, да не мора тепаниот да пријави за да има реакција. Особено кога станува збор за дете од шест години кое две години гледало тепање“, вели таа.
На крајот, Спировска оценува дека, дури и ако случајот формално се третира како самоубиство, според неа станува збор за трагедија што е резултат на долгогодишно насилство, нагласувајќи дека очекува темелна истрага и утврдување одговорност.


