Skip to main content
Македонија

Едно лице задржано во полициска станица по вчерашната трагедија во Тафталиџе

03/03/2026  10:45

Основното јавно обвинителство Скопје ги издава сите потребни наредби и насоки за целосно расчистување на вчерашниот случај во Карпош, кога при пад од висококатница починаа мајка и дете, информираа утринава од ОЈО.

Оттаму велат дека едно лице е задржано во полициска станица и по наредба на јавниот обвинител се преземаат дејствија за испитување на евентуална кривична одговорност.

Обезбедена е наредба од судија на претходна постапка и во текот на денот ќе се врши детален претрес на станот, кој веднаш по увидот е запечатен и обезбеден.

„Според првичните сознанија, во моментот на настанот, починатата и малолетното девојче биле сами во станот, заклучени од внатрешната страна.

Денеска по наредба на јавниот обвинител се вршат распити на повеќе лица кои имаат определени сознанија, се врши екстракција на податоци од мобилни телефони и се обезбедуваат снимки од видео надзор и други снимки од неколку локации.

Во текот на вчерашниот ден беше наредена и обдукција на починатите.

Во однос на претходното постапување, јавниот обвинител побара детално известување од МВР и од Центарот за социјални работи со сите евентуални претходни пријави и поплаки од оштетената, а ќе нареди и внатрешната контрола на МВР да го испита постапувањето по тие пријави“ се вели во соопштението.