
За помалку од два месеци, администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп елиминираше двајца од најблиските сојузници на Пекинг, загрозувајќи го снабдувањето со нафта на Кина. Откако американските сили го уапсија венецуелскиот претседател Николас Мадуро во јануари, сега е убиен врховниот лидер на Иран, Али Хамнеи. Овие две воени акции не само што ја лишија Кина од нејзините стратешки партнери во Јужна Америка и Блискиот Исток, туку влијаеја и на она што е многу поважно за Пекинг – нафтата, пишува Си-Ен-Ен.
Венецуела и Иран ја снабдуваат Кина со поголемиот дел од својата сурова нафта. Според податоците од аналитичката компанија Kpler, повеќе од половина од извозот на сурова нафта на Венецуела и речиси целиот извоз на Иран минатата година веројатно завршил во Кина. Според пресметките на Си-Ен-Ен, кои се базираат на податоци од Центарот за глобална енергетска политика на Универзитетот Колумбија, нивните пратки заедно сочинувале околу 15 проценти од вкупниот увоз на нафта во Кина.
Кина како најголем губитник
Роб Тумел, портфолио менаџер во „Тортоиз Капитал“, верува дека Кина би можела да биде голем губитник во конфликтот во Иран бидејќи произведува значително помалку нафта отколку што троши.
„Повисоките цени би можеле да влијаат на економскиот раст, но физичката понуда е уште поважна бидејќи Кина зависи од увозот на сурова нафта за да ја одржи својата економија“, рече тој.
Шефот на кинеската дипломатија, Ванг Ји, го нарече нападот на САД и Израел врз Иран „неприфатлив“ и го осуди „очигледниот атентат врз суверен лидер и поттикнувањето на промена на режимот“.
Меѓутоа, Пекинг сè уште не ги објави можните економски последици.
Покрај прекините во снабдувањето со нафта, Кина и другите азиски економии се соочуваат и со можни логистички проблеми доколку сообраќајот низ Ормутскиот теснец – клучен пат за испорака на сурова нафта од земји како Саудиска Арабија и Кувајт – биде затворен или нарушен.
Полуофицијалната иранска новинска агенција Мехр објави дека танкерот, кој беше погоден во неделата по обидот за „неовластен премин низ Ормутскиот теснец“, тоне откако претрпел штета. Иран, кој ја контролира северната страна од теснецот, претходно се закани дека ќе го блокира преминот низ водниот пат за време на конфликт со САД. Аналитичарите предупредуваат дека затворањето на Ормутскиот теснец или поголеми прекини во сообраќајот би предизвикале голема глобална енергетска криза.
Си-Ен-Ен

