Skip to main content
Свет

Трамп со закана до Иран: Одмаздата ќе биде жестока

01/03/2026  23:43

Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека САД ќе ја одмаздат смртта на тројцата американски војници загинати во судирите со Иран, најавувајќи дека е можно бројот на жртви да се зголеми.

Во видеообраќање објавено на социјалната мрежа Truth Social, Трамп порача дека „Америка ќе им нанесе најтежок удар на терористите кои, во суштина, ѝ објавиле војна на цивилизацијата“. Тој додаде дека борбените операции продолжуваат со целосен интензитет и ќе траат сè додека не бидат исполнети сите поставени цели.

Според информациите од американската војска, покрај тројцата загинати, уште петмина војници се тешко повредени. Станува збор за први официјално потврдени жртви во рамки на актуелните операции против Иран.

Трамп ги оцени американско-израелските напади како „исправни“ и „неопходни“, нагласувајќи дека нивната цел е елиминација на, како што рече, „крволочен терористички режим вооружен со нуклеарно оружје“. Тој истакна дека САД спроведуваат „масовна операција“ со цел да се обезбеди долгорочна безбедност, не само за сегашните генерации, туку и за иднината.

Во своето обраќање, американскиот претседател повторно ја повика иранската Револуционерна гарда да го положи оружјето, нудејќи „целосен имунитет“ во спротивно, како што предупреди, ќе се соочи со „сигурна смрт“.

„Ги повикувам сите ирански патриоти кои копнеат по слобода да го искористат овој момент“, порача Трамп, додавајќи: „Америка е со вас.“

Ескалацијата на реториката доаѓа во време на зголемени тензии на Блискиот Исток, со растечки стравувања од поширок регионален конфликт.