
Концертот на српската поп-пејачка Јелена Томашевиќ вечерва беше ненадејно прекинат во Бар, откако пејачката се онесвести за време на настапот во Домот на културата, јавуваат регионалните медиуми.
Салата била исполнета со публика која со нетрпение го очекувала настапот, но концертната вечер траела кратко. По изведбата на првата песна, додека ја пеела следната нумера, Томашевиќ одеднаш се почувствувала лошо и паднала на сцената. Таа клекнала, по што членовите на нејзиниот бенд веднаш реагирале, ѝ притрчале на помош и ја извеле зад сцената.
Настапот веднаш бил прекинат, а пејачката била пренесена во Итната медицинска служба за понатамошни прегледи. Организаторите им соопштиле на присутните дека концертот се откажува поради здравствени причини и се заблагодариле за разбирањето на публиката.
Интересно е што само неколку часа пред концертот, Томашевиќ на социјалните мрежи споделила фотографии од своето пристигнување во Бар, покажувајќи позитивна атмосфера пред настапот. Засега нема официјално соопштение за нејзината здравствена состојба, а јавноста очекува дополнителни информации во текот на денот.


