
Секторот за компјутерски криминал при Министерството за внатрешни работи информира дека со навремена интервенција било спречено можно трагично сценарио, откако при редовен мониторинг на дигиталниот простор била забележана објава на социјална мрежа која укажувала на можна намера за самоубиство од страна на малолетно лице.
По добиените сознанија, полициските службеници веднаш презеле итни и координирани активности за утврдување на идентитетот и локацијата на корисникот. За краток временски период лицето било пронајдено, извршен бил разговор и било утврдено дека малолетникот е безбеден и во добра здравствена состојба.
За настанот биле известени и родителите, кои биле запознаени со целокупната ситуација и со понатамошните чекори што треба да се преземат.
Од МВР посочуваат дека случајот уште еднаш ја нагласува важноста од внимателно следење на однесувањето на младите во дигиталниот простор. Надлежните апелираат до родителите да одржуваат отворена комуникација со своите деца, да покажуваат интерес за нивните активности на социјалните мрежи и навремено да реагираат при забележување загрижувачки промени во однесувањето.
Апел е упатен и до пријателите, соучениците и сите корисници на социјалните мрежи – доколку забележат објави што упатуваат на самоповредување, безнадежност или најави за самоубиство, веднаш да ги искористат механизмите за пријавување на платформите или да известат родител, наставник, возрасно лице или најблиската полициска станица.
Од Секторот за компјутерски криминал потенцираат дека навремената реакција може да спаси човечки живот и најавуваат продолжување на засилените активности за рано откривање и превенција на ризични појави во дигиталниот простор.

