
Премиерот Христијан Мицкоски денеска изјави дека реконструираната обиколница во Крива Паланка е официјално пуштена во употреба, нагласувајќи дека Владата продолжува со реализација на капитални инфраструктурни инвестиции кои, според него, ќе донесат економски развој и подобар квалитет на живот за граѓаните.
Тој истакна дека ваквите проекти претставуваат додадена вредност и за локалното население и за македонската економија, потенцирајќи дека во наредниот период во регионот на Крива Паланка се очекуваат инвестиции вредни неколку стотици милиони евра.
„Крива Паланка е влезна точка на коридорот 8 во Македонија и затоа инвестициите во овој регион се од особено значење. Пред нас е реализацијата на третата фаза од железничката пруга, забрзување на втората фаза, како и значајни вложувања во патната инфраструктура“, изјави Мицкоски.
Премиерот посочи дека паралелно се работи и на нови патни решенија, меѓу кои и делници што ќе го заобиколат Куманово, со цел побрзо поврзување кон источниот дел на државата и соседните земји.
Според него, инвестициите во инфраструктурата треба да придонесат за економско оживување на регионот, задржување на населението и враќање на граѓаните кои ја напуштиле државата во изминатите години.
„Верувам дека со вакви проекти Крива Паланка ќе стане развиен и перспективен град во кој луѓето ќе сакаат да живеат и да се вратат со своите семејства“, нагласи премиерот.
Мицкоски додаде дека Владата останува фокусирана на развојот на клучните европски коридори 8 и 10, оценувајќи дека патното, железничкото и енергетското поврзување се меѓу главните приоритети, што, како што рече, се потврдува и преку економските показатели и растот на БДП.
Тој изрази очекување дека во скоро време ќе бидат видливи резултатите од проектите реализирани во изминатите две години од мандатот на Владата, додавајќи дека инфраструктурниот развој е начин да им се возврати на граѓаните за довербата.
„Нека ни е со среќа новиот реконструиран пат и сите идни делници од коридорот 8 што следуваат“, порача Мицкоски.

