
Портпаролот на кипарската Влада Константинос Летибиотис и министерот за одбрана на Кипар Василис Палмас демантираа дека „две ирански ракети биле лансирани кон Кипар“. Исто така и британскиот премиер Кир Стармер во телефонски разговор му потврдил на кипарскиот претседател Никос Христодулидис дека Кипар не била цел.
Велика Британија има две големи воени бази на Кипар, а според британските медиуми министерот за одбрана Џон Хили во интервју за „Скај Њуз“ рекол дека „две ирански ракети биле лансирани кон Кипар“ и посочил дека не верува дека целта на ракетите бил Кипар.
Овие информации категорично ги демантираа Палмас за кипарската новинска агенција ЦНА, како и владиниот портпарол преку Икс.
– Во врска со изјавите и натписите во медиумите што се однесуваат на лансирани ракети во правец на Кипар, се појаснува дека тоа не е точно и дека нема никаква индикација дека постоела закана за земјата. Надлежните органи внимателно и континуирано ја следат состојбата на напиша портпаролот на кипарската Влада Летибиотис.
Претседателот на Кипар Никос Христодулидис за попладнево свика состанок на Советот за национална безбедност за ситуацијата на Блискиот Исток, додека пак утрово имаше телефонски разговор со претседателот на Европскиот совет Антонио Кошта.
Како што информираше Летибиотис, разговарале и за „можностите што постојат за хуманитарната улога што Република Кипар може да ја игра, вклучително и безбедната евакуација на европски државјани и државјани на трети земји од регионот преку Република Кипар“.


