
Жири-комисијата за наградата „Роман на годината“ за 2025 година што ја доделува Фондацијата за унапредување и промоција на културните вредности „Славко Јаневски“, во состав Калина Малеска (минатогодишна лауреатка и претседателка на жирито), Иван Антоновски, Ивана Трајаноска, Иван Шопов и Катерина Богоева (претставничка на Фондацијата), во втората селекција одбра 11 романи што останаа во конкуренција за оваа престижна награда.
На годинашниот конкурс пристигнаа дури 46 романи. Жири-комисијата во првата селекција одбра 22 наслова, а сега списокот го стесни на 11 романи.
Според пропозициите, насловот на наградениот роман и името на авторот ќе бидат соопштени на прес-конференција на 13 март што ќе се одржи во просториите на Друштвото на писателите на Македонија во Скопје.
Наградата, чиј генерален покровител е Комерцијална банка АД Скопје, а исто така е поддржана и од Министерството за култура и туризам на Република Северна Македонија, годинава се доделува 27-ми пат. Таа се состои од плакета, уникатна статуетка и паричен износ од 150.000 денари.
Минатата година наградата ја доби романот „Светот што го избрав“ на Калина Малеска, во издание на издавачката куќа „Или – или“.

