Skip to main content
Скопје

Центарот на Скопје затрупан со ѓубре

28/02/2026  16:56

Централното градско подрачје во Скопје се соочува со сериозен проблем со наталожен отпад, откако преполните контејнери и расфрланото ѓубре станаа секојдневна слика на повеќе улици во градот. Граѓаните реагираат дека состојбата е алармантна и бараат итна интервенција од надлежните служби.

Фотографии ивидео испратени од жител покажуваат контејнери преполни со отпад, додека кеси, картонски кутии и разен комунален отпад се расфрлани околу нив, зафаќајќи дел од тротоарите. Според граѓаните, ѓубрето не се собира редовно, поради што се создава непријатна миризба и се зголемува ризикот од појава на зарази и штетници.

„Ова е центар на главниот град, а изгледа како депонија. Поминуваме секојдневно покрај ѓубре кое стои со денови“, реагираат жители од околните згради, додавајќи дека проблемот трае подолг период и станува сè посериозен.

Граѓаните апелираат до општина Центар и јавните комунални претпријатија итно да преземат мерки за расчистување на отпадот и воспоставување редовно одржување на хигиената, со цел да се спречи дополнително влошување на состојбата, особено во густо населените делови од градот.

Според нив, чистотата не е само естетско прашање, туку и прашање на јавно здравје и основни услови за нормално урбано живеење.