Skip to main content
Македонија

AХВ до градоначалникот на Крива Паланка: Кравите не можат да се соберат преку ноќ!

27/02/2026  20:06

АХВ реагираше околу проблемот со стадото крави кои со години лутаат слободно низ Крива Паланка. Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ), која ја префрла топката во дворот на Општината.

„Општината одбива да соработува“ Од АХВ тврдат дека локалната самоуправа е подеднакво одговорна за состојбата со која жителите се соочуваат цели 15 години. Тие го обвинија градоначалникот Митовски за несоработка и го повикаа да почне да ги почитува законските обврски за заедничко дејствување со цел заштита на имотите на граѓаните во селата Трново, Добровница, Узем, Кркља, Варовиште, Дрење и Станци.

„Говедата ниту се размножија во толку голем број за година и половина, ниту може инстантно да се соберат, во услови кога со Агенцијата не соработува Општината која е подеднакво одговорна за решавање на проблемот“, се вели во реакцијата на АХВ.

Агенцијата најави дека и во наредниот период ќе продолжи со активности за собирање на животните во интерес на граѓаните на Општина Крива Паланка.

Државата е сопственик на кравите само на хартија
Апсурдот на ситуацијата неодамна го откри истражувањето на БИРН (од декември минатата година).

Истражувањето покажа дека државата формално ги одзела животните од сточарот Гоце Ѓорѓиевски и неговите три ќерки уште пред една и пол година, согласно измените на Законот за благосостојба на животните.
Сепак, АХВ е сопственик на добитокот само во документацијата.
На терен, ситуацијата е целосно непроменета – кравите и понатаму лутаат без никаков надзор низ планинските предели, предизвикувајќи штети, а честопати преминувајќи ја и државната граница.