Skip to main content
Македонија

Одбраната во „Пулс“ бара ревизија на обвинението и ослободување на лица кои веќе не биле на функција

27/02/2026  19:25

Одбраната на дел од обвинетите за катастрофалниот пожар во кочанската дискотека „Пулс“ бара Јавното обвинителство да го ревидира обвинителниот акт. Тие инсистираат постапката да запре за оние лица кои во моментот на трагедијата воопшто не биле на функција. Барањето е упатено до стручниот колегиум на ЈО и до в.д. шефицата на републичкото обвинителство, Анита Тополова Исајловска.

Повикување на „еднаква примена на законот“ Во документот до кој дојде ТВ 24, одбраната директно се повикува на неодамнешната одлука на Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК), објави 4news.mk Во тој случај, постапката за полициските службеници беше раздвоена:

Дел се гонат како соизвршители за тешки дела против безбедноста.
Дел се гонат за злоупотреба на службената должност и давање лажни информации.
Според одбраната, ОЈО ГОКК поднело обвинение за „тешки дела против безбедноста“ само за оние полицајци кои имале непосредни службени обврски во периодот од 14-ти до 16 март 2025 година.

Аргументите на одбраната: Не биле службени лица со години
Врз основа на ова, адвокатите бараат повлекување на обвинението за нивните клиенти кои немале директни дејствија или овластувања кога настанал пожарот.

Главните аргументи во иницијативата (согласно член 19 од Законот за ЈО) се дека овие лица:

Не се службени лица.
Нивните функции во институциите завршиле одамна (пред 7 месеци, 2 години или дури пред 12 години).
Немале овластувања со кои би можеле да се доведат во релација со пожарот.
„Ова барање-иницијатива се доставува за постапување на стручниот колегиум… за единствена примена на законите, со што ќе се ревидира поднесениот обвинителен акт… како тоа неспорно се чини со поднесениот обвинителен акт од ОЈО ГОКК… во однос на лица со директни овластувања при настанувањето на самиот пожар“, стои во документот.

Судијата Ненад Савевски, кој е и кандидат за републички јавен обвинител, гостувајќи во „24 анализа“, изјави дека е свесен за сомнежите кои се отвориле во јавноста по одлуката на ОЈО ГОКК за полицајците.

Од Јавното обвинителство, пак, за ТВ 24 кратко одговориле дека нема да коментираат таков документ сè додека официјално не го добијат. Дополнително, засега нема одлука дали оваа иницијатива воопшто ќе биде ставена на разгледување пред стручниот колегиум.