
Болеста сипаници кај овци и кози е потврдена во четири одгледувалишта, информираа од АХВ. Велат дека првпат болеста била евидентирана во едно одгледувалиште во кумановско Лопате, пред еден месец кога Факултетот за ветеринарна медицина Скопје потврдил присуство на болеста сипаници кај овци и кози во едно одгледувалиште
– Досега болеста е потврдена во четири одгледувалишта. Во првото примарно жариште убиени и нештетно отстранети се 65 овци. Во останатите две жаришта вкупно се уништени и нештетно отстранети вкупно 61 овца-информираа од АХВ.
Агенцијата презела мерки за сузбивање на болеста, спречување на нејзино ширење и ставање под контрола согласно донесените решенија за контролни и заштитни мерки во однос на болеста сипаници кај овци и кози.
– Со решенијата дефинирани се заштитна и зона под надзор, од три и од десет километри. Наложени и спроведени се мерки за убивање и нештетно уништување и животните во одгледувалиштата каде е потврдено присуството на вирусот, забрането е движење на животни од видовите овци и кози во зоните, а се спроведува и попис на сите одгледувалишта и клинички преглед на животните и во случај на сомнеж земање на примероци за лабораториско тестирање. На одгледувалиштата каде болеста е потврдена наредено е спроведување на мерки за чистење, дезинфекција и третман на просториите, возилата и опремата-наведуваат од Агенцијата.
За утврдување на можниот извор и ширење на болеста се спроведува и епидемиолошко испитување. Со решенијата, наредено е задолжително зајакнување на биосигурносни мерки на фармите во двете зони. За спречување на ширење на болеста забранета е работата на добиточни пазари за сите приемчиви животни (овци и кози), одржување на изложби или друг вид на спортски настани во целата држава. Агенцијата ќе ги засили бројот на контроли на одгледувалиштата на овци и кози во однос на примената на идентификација и регистрацијата на животни, нивните движења и здравствената состојба на животите. Во регионот болеста е присутна на територијата на Грција, во Бугарија и во Србија.
-Болеста не е зооноза, односно не се пренесува и не е опасна за луѓето, но, може да предизвика големи економски загуби-велат од АХВ.
Суровото млеко добиено од животните и производите добиени од тоа млеко може да се стави во промет по термички третман/пастеризација на 72 степени целзиусови во времетраење од петнаесет минути, на одгледувалишта или во одобрен објект и оператор со храна од животинско потекло – сурово млеко и производи од млеко во зоната под надзор, што опфаќа територија околу позитивното одгледувалиште од десет километри. Суровото млеко и производи од млеко надвор од рестриктивните зони може да се употребува.
Со донесеното решение забрането е движење на сите приемчиви животни во и од заштитната зона (три километри) и во зоната под надзор (10 километри) со цел колење во одобрен објект и оператор со храна – кланица за домашни чапункари во зоната. Пред да бидат натоварени животните мора да бидат клинички прегледани и не смеат да покажуваат знаци на болеста. Официјалниот ветеринар во кланицата потребно е задолжително да земе примероци за лабораториско тестирање од сите сомнителни животни. Што се однесува до домашното колење (во двете зони), задолжително мора да се пријави кај надлежното ветеринарно друштво кое мора да изврши клинички преглед на животните и за колењето да го извести официјалниот ветеринар од Агенцијата за храна и ветеринарство.


