Дозволено враќањето на жителите во дел од градот близу Фукушима

Во некои делови на еден од два града во близина на нуклеарната централа Фукушима во Јапонија, дозволено е да се врати населението по детална деконтаминација.

Според АП, околу 40 отсто од градот Окума е безбедно за враќање на жители, додека друг град, Футаба и околните села сè уште се премногу озрачени за луѓето.

Агенцијата додава дека многу поранешни жители на градот сè уште не сакале да се вратат, бидејќи процесот на деконтаминација не е завршен.

Критичарите велат дека овој потег на јапонската влада има за цел да ја промовира безбедноста во пресрет на Олимписките игри што ќе се одржат во оваа земја во 2020 година.

Владата спроведе голема деконтаминација со отстранување на горниот слој на почвата, сечење на дрвја и темелно миење куќи и патишта во погодените области.

Експертите сметаат дека на овој начин радијацијата само се префрлила од едно до друго место и дека е создадено огромно количество радиоактивен отпад.

Нуклеарната катастрофа во Фукушима се случи во 2011 година, кога огромна количина на јонизирачко зрачење ја загади животната средина.

При евакуацијата на областа околу нуклеарната централа Фукушима, околу 160.000 луѓе ги напуштија своите домови.

Катастрофата во Фукушима се класифицира како највисоко ниво (седмио на Меѓународната скала за нуклеарни инциденти.

Треба да знаете
Последни објави