
Општина Илинден во соработка со Германската агенција за меѓународна соработка (ГИЗ) започна со реализација на активностите за поставување бесплатна јавна WiFi мрежа на новиот современ урбан парк-плоштад во н.м Марино.
Проектот е дел од иницијативите за унапредување на дигиталната поврзаност во регионот на Западен Балкан и претставува значаен чекор кон модернизација на јавните простори и подобрување на квалитетот на живот на граѓаните. Со имплементацијата на оваа услуга, посетителите на парк-плоштадот ќе имаат можност за бесплатно и неограничено користење на интернет, овозможувајќи полесна комуникација, пристап до информации и дигитални услуги додека уживаат во погодностите на овој урбан простор.
Новиот парк-плоштад во н.м Марино претставува современо уреден јавен простор, наменет за одмор, рекреација и дружење на граѓаните. Со воведувањето на бесплатна WiFi мрежа, овој простор добива дополнителна функционална вредност и се вбројува меѓу модерните јавни зони кои ги следат европските и светските трендови.
Градоначалникот на Општина Илинден, Александар Георгиевски, истакна дека дигитализацијата на локално ниво претставува стратешки приоритет на општината, при што нагласи дека континуираното вложување во паметни и иновативни решенија е насочено кон создавање модерна, функционална и урбана средина, која одговара на потребите на граѓаните и на современите општествени текови.
Општина Илинден и во наредниот период ќе продолжи со реализација на проекти што придонесуваат за технолошки развој, подобрена инфраструктура и унапредување на јавните услуги, со цел градење на поврзана, инклузивна и напредна локална заедница.

