Skip to main content
Македонија

Проф. д-р Кекеновски реагира на ставот на член на Судскиот совет за мерките притвор

25/02/2026  10:19

Професорот д-р Јове Кекеновски преку јавна реакција се осврна на фејсбук-објавата на членката на Судскиот совет, Сузана Јошевска Анастасовска, во која таа тврди дека судија на претходна постапка „не смее“ да изрече мерка притвор доколку обвинителството предложило куќен притвор, додавајќи дека нема потреба од итна седница на Судскиот совет за расправа за, како што наведе, „основно правило во кривичната постапка“.

Според Кекеновски, доколку ваквиот став се темели на член 144 став (2) од Законот за кривична постапка (ЗКП), станува збор за погрешно толкување на начелото на пропорционалност и редукција на основните процесни принципи.

Тој посочува дека законската одредба предвидува надлежниот орган при определување мерка да води сметка да не се применува потешка мерка ако истата цел може да се постигне со поблага мерка, но тоа не значи автоматска забрана за определување притвор.

„Одредбата не воспоставува забрана судот да определи притвор доколку обвинителот предложил куќен притвор, туку наметнува обврска за внимателна проценка дали поблагата мерка ја постигнува истата цел. Клучното прашање е дали целта може да се постигне со поблага мерка, што е предмет на конкретна судска оценка врз основа на утврдените околности, а не автоматска врзаност со предлогот на обвинителството“, наведува Кекеновски.

Во реакцијата се осврнува и на конкретниот случај со Артан Груби, за кого претходно бил определен притвор од 30 дена и била распишана меѓународна потерница поради недостапност. Според Кекеновски, тоа значи дека судот веќе утврдил ризик од бегство како законски основ за притвор уште во декември 2024 година.

По неговото приведување, додава тој, таа мерка требало да започне да се извршува, освен доколку не биле утврдени нови околности што убедливо го елиминираат ризикот од бегство. Доколку обвинителството сметало дека околностите се изменети, можело да предложи замена на мерката, но судот и во таков случај има обврска самостојно да ја оцени исполнетоста на законските услови и својата одлука соодветно да ја образложи.

Кекеновски оценува дека игнорирањето на овој процесен контекст ја прави тезата за „неможност“ судија да изрече притвор правно неодржлива, нагласувајќи дека апсолутната формулација „не смее“ нема експлицитна законска поткрепа.

Тој предупредува дека кога ваква поедноставена правна интерпретација се изнесува од член на Судскиот совет – институција која треба да ја гарантира независноста и стручноста на судството – тоа отвора прашања не само за институционална воздржаност, туку и за одговорноста при јавно изнесување правни ставови кои можат да создадат погрешна перцепција за основните правила на кривичната постапка.