
Колумбиските власти започнаа истрага откако биле откриени дупки од куршуми во авион на компанијата „Американ ерлајнс“, кој сообраќал на релацијата Меделин – Мајами, објавија американските медиуми.
Според „Еј-Би-Си њуз“, во инцидентот нема повредени патници или членови на екипажот. Прелиминарните информации од колумбиските власти укажуваат дека авионот најверојатно бил погоден од истрели во неделата, при слетувањето во Меделин.
Од „Американ ерлајнс“ соопштија дека оштетувањата биле забележани за време на рутинска техничка инспекција, откако авионот се вратил во Мајами. Експертските тимови тогаш потврдиле дека на трупот на леталото има повеќе дупки, за кои се сомнева дека се од огнено оружје.
„Авионот веднаш беше повлечен од употреба за понатамошен преглед и поправка. Ќе соработуваме тесно со сите надлежни органи за целосно да се истражи инцидентот“, соопшти авиокомпанијата.
Надлежните служби во Колумбија информираа дека истрагата е насочена кон идентификување на криминалната група која би можела да стои зад нападот.
Од авиокомпанијата дополнуваат дека оштетувањата на трупот не предизвикале никакви технички проблеми за време на летот, а безбедноста на патниците во ниту еден момент не била доведена во прашање.

