Skip to main content
Економија, Скопје

Центар со највисока кирија за стан од 3.740 евра

23/02/2026  19:21

Податоците на Агенцијата за катастар за недвижности покажуваат дека во втората половина од 2025 година имало 5.237 закупувања што е за 14,2 % повеќе во однос на тој период од претходната година. Најголем број од ова закупување се однесува на станови, 2.156 (41 %), и на деловни простории – 1.651 (32 %), покажуваат податоците на Агенцијата за катастар на недвижности.

Во скопската општина Центар е остварен највисок износ на закупнина од 230.450 денари (3.741 евро), а во Струмица – минимум цена на месечна закупнина по станбени единици од само 83 денари (1,34 евра).

Најмногу од закупувањето станови во втората половина од 2025 година било во Центар – 502, по што следуваат Штип – 356, Аеродром – 301, Карпош – 257.

Највисока вкупна вредност на остварена цена од закуп на станови е постигната во Центар – 11.413.380 денари (185.282 евра), Аеродром – 5.898.230 денари ( 95.750 евра) и Карпош – 5.742.485 денари (93.222 евра).

Во скопските општини, највисоката просечна месечна закупнина на стан е во Центар 22.736 (369 евра), а најниска во Бутел – 3.489 денари (56,6 евра). Во Карпош изнесува 22.344 денари (363 евра), во Аеродром 19.595 денари (318 евра), во Ѓорче Петров 16.714 денари (271 евро) и во Гази Баба 15.799 денари (256,5 евра).

Од Катастарот појаснуваат дека големото учество во бројот на закупувања станови, кои во второто шестмесечје од 2025 година изнесувале 2.156, со вкупно остварена цена во висина 553.100 евра, претставува пораст во споредба со приближно 1.865 закупувања и вкупно остварена цена во висина 465.700 евра во 2024 година.

Податоците на Катастарот покажуваат дека е забележан значителен раст и кај категоријата деловни простории, каде што бројот на закупувања во 2025 година бил 1.651, со вкупна цена од 1.182.700 евра, додека во 2024 година тој број изнесувал 1.444 закупувања, со вкупна цена од 938.700 евра.

Овој раст, според Катастарот, може да се поврзе со зголемената економска активност – повеќе компании започнуваат или го прошируваат своето работење – и со довербата на бизнисите во економските услови и во пазарот.

Од другото закупување во втората половина од 2025 година се издвојуваат куќите, кои учествуваат со 13 % или со 699 закупувања, земјоделското земјиште и шумите со 10 % или 515 закупувања, градежното земјиште со 1 % или 66 закупувања, индустриските објекти со 2 % или 95 закупувања, гаражите со 0,5 % или 25 закупувања, а другите недвижности со 1 % или 30 закупувања од вкупниот пазар на закупување недвижности.

Кај категоријата куќи, има благ пораст на побарувачката за закупување. Бројот на закупување во 2025 година бил 699, со вкупно остварена цена од 184.800 евра, а во 2024 изнесувал околу 684 закупувања, со вкупна цена од 165.600 евра.

Забележан е раст и кај категоријата земјоделско земјиште и шуми, каде што е зголемен бројот на закупување од 384 во 2024 година на 515 во 2025 година.

Кај индустријата, бројот на закупување останува релативно стабилен, со благ пад во 2025 година или вкупно 95, додека во 2024 година тој број изнесувал 99.

Според АКН, во категориите градежно земјиште, останати недвижнини и гаражи, бројките покажуваат умереност, што укажува на широката употреба на овие типови недвижности, иако нивното вкупно учество е значително пониско во споредба со главните категории.