Skip to main content
Свет

Пожари, блокади и пукања – Мексико гори по ликвидацијата на нарко-босот

23/02/2026  15:19

Само неколку часа по убиството на мексиканскиот нарко-бос Немезија Осегуера, познат како Ел Менчо, вооружени членови на картелот Халиско Нова генерација (CJNG) започнаа бран насилство во повеќе мексикански федерални држави, блокирајќи автопати и палејќи автомобили и бизниси.

Според локалните власти и медиуми, во неколку градови на жителите и туристите им било препорачано да останат во своите домови, додека на возачите на товарни возила им било советувано да користат побезбедни рути или да се вратат во логистичките центри сè додека ситуацијата не се стабилизира.

Насилствата предизвикаа сериозни нарушувања и во воздушниот сообраќај. Неколку авиокомпании, меѓу кои Ер Канада, Јунајтед ерлајнс и Аеромексико, ги откажаа летовите кон Пуерто Ваљарта – едно од најпопуларните туристички одморалишта на пацифичкиот брег, каде туристи снимиле густи облаци чад што се издигале над запалени објекти и возила.

Член на картелот Халиско Нова генерација изјавил за агенцијата Ројтерс дека нападите се одмазда за смртта на нивниот лидер и предупредил дека земјата може да се соочи со нов бран насилство додека различни фракции се борат за контрола врз картелот.

„Нападите беа извршени како одмазда за смртта на лидерот, првично насочени против владата и од незадоволство“, изјавил анонимен извор. „Но, по тоа следат внатрешни убиства, бидејќи групите почнуваат да се борат за превласт.“

Безбедносните аналитичари предупредуваат дека убиството на Ел Менчо може да предизвика долготрајна нестабилност, бидејќи борбата за наследство во еден од најмоќните нарко-картели во Мексико отвора ризик од нови судири, одмазди и ескалација на насилството низ земјата.