Skip to main content
Македонија

Сниман, препознаен, но непроцесиран – дали системот затаил и дозволил осомничениот да стане сериски убиец во кумановско?

22/02/2026  21:36

Случајот со уапсениот 25-годишник од кумановскиот регион, осомничен за серија тешки кривични дела, предизвика силни реакции во јавноста и меѓу жителите на локалната заедница. Сè погласни се прашањата дали трагедиите можеле да бидат спречени доколку институциите навреме преземеле соодветни мерки, особено по претходните пријави за сомнителни смртни случаи на повозрасни жени.

Жители од регионот, чии реакции ги пренесе телевизија Телма, тврдат дека осомничениот ѝ бил познат на полицијата, но дека, според нив, не биле преземени доволно сериозни чекори. Во еден од случаите, како што наведуваат, постоеле и безбедносни камери на објектот каде што лицето било снимено и препознаено, но снимките не биле прифатени како доказ бидејќи камерите не биле претходно пријавени.

„Полицијата, секогаш кога беше пријавуван, го пушташе со образложение дека имал доказ дека не е психички добар“, изјавил жител на Старо Нагоричане, пренесува Телма.

Осомничениот бил приведен по откривањето на безживотно тело на постара жена во нејзиниот дом во Старо Нагоричане. По неговото сослушување, истражните органи наредиле ексхумација и на телото на помлада жена, која претходно била пронајдена мртва во својот дом. Надлежните институции сега проверуваат и други слични случаи од минатата година, со цел да утврдат евентуална поврзаност.

Телма претходно објави сведочење на 86-годишна жена која преживеала напад во својот дом. Нејзиниот син отвори сомнежи за можни врски меѓу повеќе случаи и за тоа дали осомничениот дејствувал сам.

„Мора да се утврди како се случило сè, дали дејствувал сам или некој го водел“, изјавил тој.

Според мештаните, осомничениот често се движел низ селата со велосипед и живеел во заедница во регионот уште од детството. Локалните жители велат дека имал отежната комуникација, што дополнително ја усложнува сликата за неговото однесување и можните мотиви.

Експертите предупредуваат дека вакви случаи можат да се спречат само со навремена и темелна истрага, како и со координирано постапување на институциите.

Од Министерството за внатрешни работи засега не откриваат детали за текот на истрагата ниту за евентуални пропусти во претходните постапувања. Од Обвинителството, според информациите објавени од Телма, најавуваат дека ќе се утврдува дали постои одговорност кај институции или поединци. Неофицијално, се истражуваат повеќе случаи од оваа и од минатата година кои би можеле да бидат поврзани со осомничениот.

Во меѓувреме, во јавноста се појави и фотографија од безбедносна камера на која, според извори блиски до истрагата, е забележан осомничениот за серијата убиства што ја потресоа кумановската околина.