
Генералниот секретаријат на Владата планира да потроши околу 80.000 евра за организација на тридневни тим-билдинг настани за своите административни службеници во Охрид, Берово и Струмица, објави порталот „Сакам да кажам“.
Според огласот објавен на системот за јавни набавки, се бараат хотели со најмалку четири ѕвездички кои ќе обезбедат сместување на база на два полни пансиона, како и високотуристички автобуси за превоз на вработените од Владата, од улицата „Илинденска“ до избраните хотели.
Во условите е наведено дека учесниците ќе бидат сместени во еднокреветни соби, а проценетата вредност на јавната набавка изнесува 5.000.000 денари.
Крајниот рок за пријавување на заинтересираните хотелиери и автобуски превозници е 4 март, а како единствен критериум за избор е предвидена најниската понудена цена.
Според описот во јавниот повик, тим-билдинг програмата е наменета за обуки поврзани со канцелариско работење, односи со јавноста и други административни активности. Планирано е учество на седум групи вработени од Генералниот секретаријат, при што секоја група ќе брои меѓу 15 и 25 учесници.


