Skip to main content
Балкан

Снежно невреме ја парализираше Романија

18/02/2026  20:53

Поради обилни врнежи од снег и дожд што ја зафатија Романија, околу 200.000 домаќинства останаа без електрична енергија. Невремето предизвика сериозни проблеми во патниот и железничкиот сообраќај, со блокирани автопати и државни патишта и доцнења на десетици возови.

Министерот за енергетика Богдан Иван изјави дека службите интензивно работат на отстранување на дефектите и постепено враќање на струјата.

Во главниот град Букурешт, снежната покривка достигна 40 сантиметри, што значително го отежна јавниот превоз. Паднати дрвја го прекинаа сообраќајот на повеќе патни и железнички правци, а училиштата беа затворени во неколку градови.

Националната агенција за итни интервенции соопшти дека во шест окрузи во снегот заглавиле и десет возила на итната медицинска помош.

Од вкупно 200.000 погодени домаќинства, за околу 86.000 веќе е повторно воспоставено снабдувањето со електрична енергија. Проблеми се регистрирани во 266 населени места.

Министерот додаде дека просечната потрошувачка на електрична енергија изнесувала 7,4 гигавати, при што вишокот произведен од ветерните и хидроелектраните бил извезуван. Во споредба со минатата година, производството пораснало за 11 проценти, а потрошувачката за 6 проценти.

Властите најавуваат дека ќе продолжат со расчистување на патиштата и целосна стабилизација на електроенергетската мрежа во текот на денот.