Skip to main content
Скопје

ЗХГ бара да се активира „Безбеден град“ за пронаоѓање на сторителите што истураат кучиња во Скопје

18/02/2026  17:11

Здружението „Зелен Хуман Град“ предупредува на проблем со исфрлање кучиња од други градови во Скопје.Според нив овој проблем создава вештачки кризи и може да биде злоупотребен како оправдување за масовна еутаназија на бездомните животни.

„Веќе со месеци се множат објавите за исфрлање кучиња од други градови во Скопје, објави 4news.mk Со нив се множат и немилите снимки од несакани интеракции животно-човек“, велат од здружението. Тие потсетуваат дека ова не е првпат да се креира таков проблем со цел политичко оправдување за „решавање“ на прашањето преку еутаназија.

Во соопштението се истакнува дека во минатото, за време на градоначалникот Коце Трајановски, Комунална хигиена масовно труела бездомни и домашни миленици, што предизвикало револт кај граѓаните. „Нема погадна смрт од смртта од отров!“, потенцираат од здружението.

„Бараме веднаш да се активира ‘Безбеден град’ за пронаоѓање на сторителите што истураат кучиња во Скопје“, велат од „Зелен хуман град“. Тие апелираат и до граѓаните да снимаат и фотографираат вакви случаи, со јасно фаќање на регистарските таблици, но од безбедна оддалеченост.

Здружението ја критикува и актуелната власт во Град Скопје, која, според нив, ги елиминирала сите активисти од управниот и надзорниот одбор на „Лајка“ и ги заменила со партиски номинации. Според нив, ова го ослабува процесот на хумана контрола на бездомните животни, оставајќи само директорката на „Лајка“ како единствена активистка со влијание во претпријатието.

„Дури и да се убијат сите бездомни кучиња и мачиња како што варварски се правело во минатото, за шест месеци пак ќе бидат полни улиците со нови бездомници. Проблемот се неодговорните сопственици и недоволните казни, како и фактот што напуштањето миленик не е кривично дело“, предупредуваат од здружението.